Рендгенграфија на бели дробови
Радиографски испитувања
Нативната снимка на белите дробови е значајна и едноставна метода со која се откриваат најразлични патолошки состојби на органите и коските во градниот кош.
Оваа метода е посебно значајна за одредување на локализацијата и карактеристиките на туморската маса и евентуалната проширеност на туморот во регионалните лимфни јазли (хиларни и медијастинални). Исто така, може да се приметат и други промени, како подигната дијафрагма при парализа на нервот френикус, деструкција на ребра или прешлени, воспалителни процеси и друго.
Рендгенграфијата е почетна и основна метода во дијагнозата на туморите во градниот кош (за дијагноза на тумори на бели дробови, на хранопроводник, на душник, на лимфоми и други примарни тумори, како и за дијагноза на метастази во градниот кош, од друг примарен тумор).
Засенчувања на рендгенграфијата (РТГ) на граден кош
Основни препораки за лекарите
- Употребувај адекватен негативоскоп. На пример, не читај рендгенографија на прозорец.
- Секогаш споредувај ги сегашните промени со наодите на претходните графии, ако се тие достапни. При тоа треба да се оцени:
- Дали промената е присутна на претходните наоди на рендгенографија?
- Дали станала поголема или се повлекла?
- Интерпретацијата на рендгенографија не е едноставна. Доколку е потребно, побарај помош од радиолог.
- Ако рендгенографијата изгледа нормално на прв поглед, сепак, може да крие значајни промени, на пример зад срцето, медијастинумот и дијафрагмата.
Биди сигурен дека рендгенографијата е технички правилно направена
- Паренхимот на белите дробови е тешко да се види на преекспонирана (премногу црна) рендгенографија.
- Промените зад срцето не се видливи при слабо експонирана (премногу светла) рендгенографија.
- Сликата мора да биде направена во вистинска антериор-постериор (предно-задна) положба поради тоа што, на пример, хилусите не можат да се толкуваат правилно ако сликата е направена во коса позиција.
- Костофреничните синуси мора да се визуелизираат.
- Рендгенографија во лежечка позиција изгледа поинаку од онаа во исправена позиција. Срцето изгледа поголемо и медијастинумот поширок.
Примери на евентуални наоди на рендгенграфијата на градниот кош
Воспалителни промени
- Кај акутен бронхитис, рендгенографијата е нормална.
- Кај пневмонија, на рендгенографија се гледаат еден или повеќе нејасно ограничени инфилтрати или понекогаш, кај вирусна пневмонија, перибронхитични промени.
- Туберкулозните промени, обично, се гледаат на врвовите од белите дробови.
- Каверните, исто така, може да бидат визуелизирани.
- Пневмонијата може да биде предизвикана од специфична абнормалност (тумор, бронхиектазии, аспирација, туѓо тело или имунолошки промени).
Ателектаза
- Локален инфилтрат ограничен на еден лобус кој е предизвикан од опструкција на одредени бронхи поради тумор, туѓо тело или вискозен секрет. Етиологијата секогаш мора да се верификува.
Белодробен карцином
- Радиографските наоди се варијабилни. Најчеста абнормалност е засенчување (од 1–2 cm до 10 cm добро или лошо ограничено од околината, ателектаза, унилатерално хиларно проширување или наголемување на медијастинумот).
- Ако е мал туморот или ако е сместен интрабронхијално или зад медијастинумот или дијафрагмата, рендгенографијата може да биде нормална.
- Ако долгогодишен пушач има пневмонија, графија треба да се направи и по завршување на лекувањето за да се исклучи белодробен рак.
Белодробни метастази
- Едно или повеќе тркалезни засенчувања од различна големина. Понекогаш, дифузно низ белите дробови се видливи многу мали засенчувања или линеарни сенки.
Саркоидоза
- Хиларните лимфни жлезди се симетрично зголемени. Паренхимот на белите дробови може да покажува линеарни или нодуларно засенчувања.
Хочкинова болест и други лимфоми
- Проширување на медијастинумот, зголемување на хилусите.
Срцева слабост
- При лесно левокоморно оштетување во повисоките белодробни партии, крвните садови се проширени.
- Кај интерстицијален едем, васкуларниот цртеж станува заматен, интерлобиумите постануваат посветло видливи, хоризонтални 1-2 cm линии и се гледаат плеврални изливи (обично прво на десна страна).
- Алвеоларниот едем се гледа како слабо ограничени крпести инфилтрати.
- Кај пациенти со емфизем, наодот може да биде атипичен и сличен на пневмонија.
Плеврален излив
- Костофреничните синуси, обично, но не секогаш, се исполнети. Ако има клиничко сомневање за плеврален излив, течноста може да биде дијагностицирана со рендгенографија направена во странична лежечка позиција со хоризонтални зраци. Течноста изгледа како ниво меѓу белодробието и ѕидот на градниот кош (транслатерална слика).
Спонтан пневмоторакс
- Воздухот (темното поле меѓу белодробните структури) е видлив меѓу белодробието и ѕидот на градниот кош. Белодробието може да биде целосно колабирано.
- Понекогаш притисокот во плеврата може да го надмине атмосферскиот притисок (тензиски пневмоторакс). Медијастинумот се преместува на контралатералната страна. Тензискиот пневмоторакс мора да се лекува веднаш со пункција или плеврална сукција.
Други белодробни засенчувања
- Белодробни засенчувања се гледаат кај многу болести (еозинофилна пневмонија, алергичен алвеолитис, како фармерско белодробие и фиброзирачки алвеолитис).
Белодробен емболизам
- Рамномерно распространети белодробни емболуси може да не предизвикаат абнормалности на рендгенографија и евентулните наоди најчесто се атипични. Клиничката презентација е најважна во примарната дијагноза. Следни радиолошки испитувања се спиралниот КТ и пулмоналната ангиографија.