Типови на болка
Типови на болка според нејзиното времетраење
Според времетраењето на болката разликуваме: акутна и хронична болка.
Акутна болка
Акутната болка се јавува одеднаш и обично по квалитет е остра болка. Акутната болка е еден од најважните аларми, кој не предупредува дека нешто сериозно се случува. Обично таа е знак за повреда на одредено ткиво или орган во телото и обично исчезнува по излекувањето на повредата. Може да биде предизвикана од огромен број на состојби, најчесто посекотини, удари, фрактури, хируршки интервенции и друго. Обично акутната болка е јака и трае релативно кратко време. Но, таа може да биде и благо изразена и да трае многу кратко или да биде неподнослива и да трае со недели. Акутната болка не трае подолго од шест месеци и исчезнува кога е отстранета причината која ја предизвикала. Во некои случаи акутната болка може да продолжи во хронична болка. Акутната болка е остро ограничена на повредениот дел, истата може точно да се локализира, пред да се рашири на околните делови. Овој тип на болка добро реагира на лекови.
Хронична или перзистентна болка
Хроничната болка се дефинира како болка која трае повеќе од 3 или 6 месеци. Таа може да биде блага, умерена или многу јака. Хроничната болка е многу повеќе субјективна и неможе така лесно да се опише како акутната болка. Ефикасното лекување на хроничната болка е вистински предизвик за лекарот Овој тип на болка често го нарушува животот на пациентот на повеќе начини. Така, хроничната болка може да доведе до промени во карактерот на пациентот, да ја наруши способноста за нормално функционирање и да го наруши квалитетот на животот на пациентот.
Според Американското Друштво за Рак (American Cancer Society), хроничната болка може да содржи два вида на болка: перзистентна и пробивна болка. Обично пациентите со карцином ги имаат и двата вида на болка. Перзистентната болка е континуирана и може да трае во тек на целиот ден. Пробивната болка е краткотрајно распламнување на јака болка и покрај тоа што пациентот е на редовна терапија за болка и редовно зема лекови во точно одредени временски интервали. Оваа пробивна болка најчесто се јавува нагло, одненадеж и може да трае од неколку минути до еден час. Многу болни може да имаат повеќе епизоди на пробивна болка во текот на денот и тие епизоди да се повторуваат секој ден. Пробивната болка може да биде последица од самиот карцином или од третманот на карциномот и може да се јави за време на одредени активности (одење, облекување, кашлање). Пробивната болка, исто така, може да се јави неочекувано, без некоја видлива причина. Таа обично се лекува со јаки, краткоделувачки лекови кои делуваат побрзо од лековите кои се користат за перзистентната болка.