Тумори на срце
Класификација
Туморите на срцето се релативно ретки.
Според начинот на настанувањето, туморите на срцето се делат на:
- примарни, кои се поретки (0,0017-0,28%), а се развиваат од некоја срцева структура (ендокард, миокард или перикард),
- секундарни или метастатски, почести (5-6%), кои настануваат од други примарни тумори, а кои дале метастази во срцевите структури.
Според својата природа, туморите на срцето можат да бидат:
- бенигни (миксом, рабдомиом, хемангиом, фибром, липом, лимфом, бениген тератом и други),
- малигни (рабдомиосакром, леомиосарком, малиген тератом, мезенхимен малигном и други.)
Според локализацијата се делат на:
- перикардни тумори (на срцевата обвивка),
- интрамурални тумори (во sидот на срцето),
- интракавитарни тумори (во срцевата шуплина).
Со развојот на современите подобри и посензитивни дијагностички методи, денес е можно подобро дијагностицирање на туморите на срцето.
Клиничка слика на најчестите срцеви тумори
Примарните малигни тумори на срцето се ретки. Најчести се: миксом, рабдомиом, (бенигни тумори) и рабдомиосарком (примарен малиген тумор на срцето).
Миксом на срце
Миксомот на левата преткомора дава различна клиничка слика и може да имитира низа кардиоваскуларни заболувања. Клиничката слика зависи од локализацијата, подвижноста и големината на туморот. Миксомот на срцето често е пратен со низа општи симптоми и со неспецифични лабораториски параметри, кои го даваат т.н. паранеопластичен синдром.
Често е присутен замор, периодично покачена телесна температура, слабеење, болки во зглобовите, кожен осип, забрзана седиментација, зголемен број на бели крвни зрнца, покачени гама глобулини.
Миксомот кој е фиксиран за sидот на срцето ретко дава симптоми. Кога туморот ќе достигне одредена големина, тој предизвикува опструкција на левото венско (митрално) устие. Поради тоа, при напор може да дојде до брзо заморување, пореметено дишење и пореметен ритам на срцето.
Изразената опструкција на митралното устие пратена е со јака диспнеа (отежнато дишење) се до едем на белите дробови, со кашлање и искашлување на крв.
Можни се болки во градите од ангинозен тип, а чести се и системските емболии. Емболиите се најчести во мозокот, а поретко во бубрезите, долните екстермитети и срцевите артерии.
Дијагнозата се поставува врз основа на детална анамнеза, физикален преглед, ЕКГ (електрокардиограм), рендгенграфија на срце и бели дробови, утразвук на срце.
Мискомот на десната преткомора, исто така, дава системски неспецифични реакции.
Од кардиоваскуларни пореметувања присутна е брза и прогредирачка инсуфициенција (слабост) на десното срце. Често се присутни и белодробни емболии, кои можат да предизвикаат нагла смрт.
Повторуваните емболии можат да доведат до белодробна хипертензија и до хронично белодробно срце.
Дијагнозата се поставува врз основа на детална анамнеза, физикален преглед, ЕКГ (електрокардиограм), рендгенграфија на срце и бели дробови, утразвук на срце, катетеризација и ангиографијата на десното срце.
Лекување на миксом на срце
Лекувањето на миксомот е хируршко. Со оглед на можноста од развој на тешки компликации и изненадна смрт, операцијата не треба да се одложува. Денес се препорачува, покрај вадењето на миксомот и отстранување и на делот од sидот на срцето каде се развил миксомот, со цел да се превенира рецидив (повторно создавање на миксом).
Рабдомиом на срце
Рабдомиомот е бениген тумор на срцевиот муслук и е најчест бениген тумор на срце кај децата.
Причина за настанување
Причината за настанувањето на рабдомиомот не е позната. Често се јавува заеднос о туберозната склероза, болест која се наследува автозомно доминантно (облик на наследување каде промената на само еден ген во парот е доволна за појава на болеста).
Клиничка слика
Рабдомиомите можат да бидат солитарни (единечни), но најчесто се мултипли (повеќебројни). Карактеристична е кардиомегалијата (зголемено срце). Поради пореметувањата во контрактилноста на срцевиот мускул доаѓа до срцева декомпензација (слабост).
Понекогаш болеста се јавува во вид на многубројни чворчиња во миокардот (срцев мускул) на левата комора или на другите делови на срцето, кои проминираат и во срцевите шуплини, така што можат да ја пореметат внатрешната хемодинамика, симулирајќи стеноза на отворите на срцето.
Некогаш чворчињата во септумот (срцева преграда) предизвикуват аритмии (пореметување на срцевиот ритам), кои во некои случаи може да доведат до изненадна смрт.
Рабдомиомот најчесто се сретнува кај децата и често и придружен со туберозната склероза на мозокот, која се манифестира со ментална заостанатост.
Дијагноза
Дијагнозата се поставува врз основа на детална анамнеза и физикален преглед, врз основа на ЕКГ, рендгенографија на срце и бели дробови, ултразвукот на срце и ангиокардиографијата.
Лекување
Лекувањето на рабдомиомот е хируршко и им се препорачува на пациентите без туберозна склероза.
Рабдомиосарком на срце
Рабдомиосаркомот на срцето е примарен малиген тумор на срцето кој се карактеризира со прогредиентна срцева слабост, со чести пореметувања на срцевиот ритам, со срцеви блокови и со ненадејна срцева смрт.
Во 30% од болните, рабдомиосаркомот на срцето дава и оддалечени метастази.
Секундарни тумори на срцето
Секундарните тумори на срцето се метастази во срцето кои најчесто ги дава ракот на бронхите (дишните патишта) и ракот на дојката.
Кога е зафатен перикардот (срцевата обвивка) се јавува болка во градниот кош, воспаление на перикардот со тампонада на срцето. Зафатеноста на миокардот (срцев мускул) е пратена со пореметен срцев ритам и пореметена срцева спроводливост, со срцева слабост, а понекогаш и со срцев инфаркт.
Ендокардните метастази даваат слика на пореметена хемодинамика, слабост на залистоците и системски и белодробни емболии.
Дијагноза
Дијагнозата се поставува врз основа на анамнеза, физикален преглед, ЕКГ, рендгенграфија на срце и бели дробови, ултразвук на срце и ангиографија.
Лекување
Лекувањето на секундарните тумори на срцето е симптоматско. Кај споро растечки тумори се прави хируршко отстранување на метастазите, кои непосредно го загрозуваат животот.
Бенигни тумори на срцето
Кои се најчести бенигни тумори на срцето?
Најчести бенигни тумори на срцето се миксомите, кои се јавуваат во срцевите шуплини, и рабдомиомите, кои го зафаќаат срцевиот мускул (миокард). Значително поретки се фибромите, липомите, ангиомите, папиломите, тератомите, цистите и леомиомите.
Дали миксомите се јавуваат подеднаткво во двата пола?
Миксомите почесто се јавуваат кај жените (4 : 1). Според статистиките, миксомите сочинуваат 35-50% од сите срцеви тумори.
Во кои делови на срцето се најчесто локализирани туморите?
Почесто се локализирани во срцевите шуплини и во 75% од случаите се наоѓаат во левата преткомора. Помалку чести се туморите во десната преткомора, а во срцевите комори се исклучително ретки.
Кои симптоми се јауваат кај тумор на срце?
Кога туморот ќе достигне одредена големина (3-7 cm во пречник), почнуваат да се јавуваат симптоми поради пореметениот проток на крвта низ преткоморите и АВ устие (тоа е устие помеѓу претокомората и комората).
Во клиничката слика може да се јават 3 групи на симптоми:
- тромбо- емболии,
- знаци на опструкција на срцевите шуплини,
- општи конституционални знаци.
Опструктивните знаци на туморот воглавно се манифестираат во вид на митрална стеноза (стеснување на срцевите залистоци), се јавуваат шумови на срцето, пореметување на свеста или вртоглавици.
Во одреден процент на случаи се јавуваат: благо покачена телесна температура, губиток на тежина, општа слабост и малаксаност, болки во зголобовите. Најверојатно причина за овие знаци на болеста е реакцијата на организмот на распаднатите продукти од туморот.
Како се поставува дијагнозата на болеста?
Поставувањето на дијагнозата е реативно лесно. Ехокардиограмот на срцето е многу типичен. Ангиографијата ја потврдува дијагнозата, посебно кинеангиографијата на левата преткомора со убризгување на контраст во белодробната артерија.
На рендгенската снимка на градниот кош обично не се гледа зголемено срце , но често може да се види проширена белодробна артерија, поради постоење на зголемен притисок во левата преткомора и во белодробниот крвоток.
Како се лекуваат бенигните тумори на срцето?
Лекувањето на срцевите тумори е хируршко, со отстранување на туморот.