Туморски маркери

Туморски маркери

Туморските маркери се супстанции, кои се наоѓаат во повисоки концентрации од нормалните, во крвта, мочката и/или ткивото на болните со одредени видови на рак. Туморските маркери ги произведува самиот карцином или организмот, како одговор на присутниот карцином или некое друго бенигно заболување.

Нивното мерење и идентификација е корисно за поставување на дијагнозата на малигномите, како и за следење на успехот од терапијата.

Што значи идеален туморски маркер

Идеален туморски маркер би бил оној кој:

  • може да се открие во крвта и кој би бил позитивен единствено кај пациентите со малигна болест,
  • чија концентрација би соодветствувала со стадиумот на болеста и одговорот на терапијата,
  • кој се излачува во само едно ткиво,
  • кој би бил лесен за мерење,
  • кој може лесно да се повтори.

За жал, ниеден туморски маркер кој досега е познат не ги поседува сите овие идеални критериуми.

Целта на мерењето на туморските маркери

Мерењето на туморксите маркери се користи во 4 цели:

  • Проверка на здравите лица или лицата со зголемен ризик за развој на карцином.
  • Дијагностицирање на карциномот или на посебен тип на карцином.
  • Оценување на прогнозата на болеста кај одреден пациент (прогностички фактор).
  • Следење на текот на болеста и успехот од применетата терапија.

Ниеден туморски макер не го овозможува сето ова. Не постои ниеден маркер кој би бил доволно практичен и ефтин за да може широко да се користи кај здравите лица за дијагноза на карциномот. Мерењето на концентрацијата на туморските маркери е корисно кога се користи заедно со другите дијагностички процедури.

Мерењето на нивното ниво како единствена дијагностичка процедура не е доволно за поставување на дијагноза на карцином поради следниве причини:

  • Туморските маркери може да бидат покачени и кај лица со одредени бенигни заболувања и состојби.
  • Туморските маркери не се покачени кај секое лице кое има карцином, посебно во раните стадиуми на болеста, кога туморските маркери може да бидат во нормални граници во крвта.
  • Многу туморски маркери не се специфични за еден посебен тип на карцином, туку може да бидат покачени кај повеќе видови на малигни заболувања.

Освен во дијагностички цели, мерењето на туморските маркери пред почетокот на лекувањето му помага на онкологот во планирањето на адекватната терапија. Кај некои типови на карцином, нивото на туморските маркери ја покажува тежината (степенот) на болеста, па можат да послужат за предвидување на тоа како болниот ќе одговори на поедини видови терапии.

Туморските маркери може да се мерат и за време на терапијата со цел да се процени одговорот на терапијата. Порастот на нивото на туморските маркери во крвта обично укажува на растење на туморот, односно на прогресија на болеста.

И на крај, мерењето на туморските маркери е корисно и по завршувањето на лекувањето како контролен тест за рано откривање на рецидив на болеста.

Моментално, главната примена на туморските маркери е за проценка на одговорот на карциномот на терапијата и во контрола на болеста по нејзиното првично излекување.

Научниците продолжуваат да ги истражуваат туморските маркери како и нивната потенцијална улога во раната дијагноза на карциномите.

Какви се молекулите на туморските маркери

Туморските маркери вклучуваат низа на различни материи кои не можат добро да се систематизират.

Туморските маркери се воглавно производи на туморските клетки, иако ниеден од нив не е единстевн за карциномската клетка. Туморските маркери се аберантни производи на нормалните клеточни елементи. Некои маркери не ги произведуваат туморските клетки, туку организмот како одговор на присутниот тумор.

Видови на туморски маркери

Карциноембрионален антиген (CEA)

CEA е еден од првите користени туморски маркери. Спаѓа во групата на онкофетални антигени кои се нормално излачуваат во ембрионалниот и феталниот развој.

Кај возрасните се наоѓа во многу ниски концентрации, но туморите можат да го излачуваат во големи количини. CEA е гликопротеин, кој е поврзан со плазма мембраната на туморските клетки од каде може да се пропушта во крвта.

Иако CEA во зголемени концентрации е откриен кај лица со карцином на дебелото црево, зголеменото ниво на CEA не е специфично ниту за карциномот на дебелото црево, како ниту пак општо за малигните заболувања.

Зголемени вредности на CEA маркерот може да се најдат и кај низа други карциноми како кај: меланомот, лимфомот, ракот на панкреасот, на желудникот, на грлото на матката, на штитната жлезда, на црниот дроб, на јајникот, на белите дробови и на дојката. Но, во дијагностички цели најчесто се користи за карциномот на дебелото црево, посебно за метастатски карцином на дебелото црево.

Зголемени вредности на CEA маркерот може да се најдат и кај некои немалигни заболувања и состојби како што се: цироза, воспаление на цревата, хронична белодробна болест и панкреатит (воспаление на панкреас).

Контролирајќи ја здравата популација, утврдени се зголемени вредности на CEA кај 19% од пушачите, и кај 3% од непушачите.

Затоа CEA тестот не може во никој случај да ја замени патохистолошката дијагноза. Тоа значи, за да се постави дефинитивна дијагноза на карцином, потребно е да се направи микроскопски, патохистолошки преглед на материјалот земен при биопсија од сомнителната промена, односно туморот.

Како скрининг тест, исто така, CEA маркерот не е погоден и не се препорачува.

Бидејќи инциденцата на карциномот во општата популација е ниска, зголемениот CEA има неприфатливо ниска позитивна вредност на предвидување, со многу чести лажно позитивни резултати.

Бидејќи CEA маркерот во зголемени концентрации се јавува воглавно во доцните стадиуми на карциномот, неговото откривање не влијае на преживувањето на пациентот.

Истражувањата покажуваат дека на порастот на нивото на CEA во крвта му претходат клиничките симптоми на повторното појавување на болеста. Затоа со цел да се превенира појавата на рецидив на болеста, потребно е CEA тестот да се прави на секои 3 месеци, а понекогаш и порано. Зголемените вредности на CEA потребно е неколку пати да се проверат, со цел да се исклучи можноста од лабораториска грешка.

CEA се користи и како контрола на лекувањето. Тоа значи дека со одредувањето на нивото на CEA во крвта, за време на терапијата, се оценува и нејзината ефикасност. Обично вредностите на CEA се спуштаат на нормала по 1 до 2 месеци од хируршкиот третман.

CEA маркерот може да биде покачен и кај други карциноми, освен кај карциномот на дебелото црево, па затоа нивото на CEA може да се користи за пратење и на развојот на другите карциноми, како и за пратење на одговорот од дадената терапија.

Алфа-фетопротеин (AFP)

AFP е протеин кои нормално се наоѓа во феталната крв, а го произведува црниот дроб, жолчната кеса и ситемот за варење. Пикот на концентрацијата на AFP достига 3 mg/ml во 12- тата недела од бременоста. По раѓањето, нивото на AFP нагло опаѓа, па во крвта на здрав човек се наоѓа скоро во немерливи концентрации, помали од 20 ng/ml, освен за време на бременоста.

AFP е важен туморски маркер за дијагноза на хепатоцелуларниот карцином (рак на црн дроб), па може да биде корисен и како скрининг тест за негово рано откривање.

Зголемените вредности на AFP се чести во региони каде ракот на црниот дроб е ендемичен (Африка), како и кај пациенти со позитивен антиген на хепатитис Б (позитивен HbsAg).

Зголемениот AFP е еден од најсигурните поединечни показатели на малигната болест. Како таков тој би можел да се користи како скрининг метода кај лицата со ризик за развој на рак на црниот дроб.

AFP е покачен и кај туморите на тестисот и јајникот, а поретко е покачен и кај ракот на панкреасот, на желудникот, на дебелото црево и на белите дробови.

AFP е ретко покачен кај здравите луѓе, а се зголемува само при неколку немалигни болести како: наследна тирозиноза, при актутен вирусен или медикаментозен хепатит (воспаление на црн дроб) и во состојби кога црниот дроб се обновува т.е. регенерира. При овие болести, вредностите на AFP се под 500 ng/ml и не укажуваат за присуство на рак на црниот дроб. Затоа, АFP е корисен туморски маркер за дијагноза на ракот на црниот дроб и ракот на тестисот, каде овој маркер е над 500 ng/ml во крвта. Кај овие два вида на карциноми, AFP се кориси како помошна метода за поставување на дијагноза на туморот, како и за следење на болеста и следење на одговорот од применетата терапија.

CA 125

CA 125 го произведуваат многу клетки, вклучувајќи ги и раковите клетки на јајникот. Овој антиген е присутен кај 80% од случаите на немуцинозен карцином на јајникот. CA 125 првенствено се користи за донесување на одлука за начинот на лекувањето на ракот, за пратење на терапискиот успех, како и за контрола на болеста, по нејзиното излекување. Неговото зголемување во крвта кај лица со рак на јајник често го прати клиничкиот тек на болеста.

CA 125 е маркер кој е доволно сигурен показател на ефикасноста на терапија. Тоа значи дека нивото на CA 125 соодветствува со одговорот од терапијата. Доколку нивото на CA 125 во крвта опаѓа за време на терапијата, тоа значи дека таа е ефикасна и дала добар тераписки одговор. Затоа овој маркер има предност во однос на другите туморски маркери, како што е на пример CEA маркерот.

CA 125 е покачен и при други малигни болести, како при: карцином на ендометриум, на панкреас, на дојка, на бели дробови и на дебело црево.

Може да биде покачен и при некои немалигни заболувања како: еднометриоза, и други бенигни гинеколошки болести, како и за веме на менструација и за време на бременост.

Поради ниската честота на јавување на ракот на јајникот, овој маркер не е погоден како скрининг тест кај здравите лица.

Циркулирачките туморски маркери се во фаза на испитување кај ендометријалниот карцином. CA-125 e најдено дека е покачен кај 59% од пациентите со клинички напреднат или рекурентен ендометријален карцином.

CA 19-9

CA 19-9 е моноклонално антитело против карциномските клетки на дебелото црево. Во зголемени концентрации се наоѓа кај 20-40 % пациенти со рак на дебелото црево, кај 20-40 % пациенти со рак на желудникот и кај 70-93 % пациенти со рак на панкреасот.

Кај пацинети со рак на панкреасот, покачените вредности на овој маркер колерираат со стадиумот на болеста. Високите вредности на CA 19-9 кај овие пациенти укажува на напреднат стадиум на рак на панкреасот.

CA 19-9 може да биде покачен и кај некои немалигни состојби, како на пример при присуство на каменчиња во жолчните патишта или жолчната кеса, воспаление на жолчната кеса, воспаление на панкреасот и кај цироза на црниот дроб.

CA 15-3

Овој маркер е најкорисен за пратење на текот на лекувањето кај жени со рак на дојка, посебно кога станува збор за напредната болест.

CA 15-3 маркерот е ретко покачен во раните стадиуми на ракот на дојката.

Ракот на белите дробови, на јајникот и на простатата, исто така може да предизвикаат зголемени вредности на CA 15-3 маркерот во крвта.

Овој маркер може да биде зголемен и при некои немалигни заболувања на јајникот и на дојката, при ендометриоза, воспаление во пределот на малата карлица, како и при хепатит.

Бременоста и доењето, исто така, се поврзани со зголемени вредности на CA 15-3

CA 27-29

Како и CA 15-3 антигенот, така и CA 27-29 се наоѓа во крвта на повеќето пациентки со рак на дојка. Може да се користи заедно со другите дијагностички процедури за следење на пациентките по нивното првично излекување.

CA 27-29 може да биде покачен и кај ракот на дебелото црево, ракот на бубрегот, на белите дробови, на јајникот, на панкреасот, на матката и на црниот дроб.

CA 27-29 може да биде покачен и во првото тромесечие од бременоста, кај бенигните болести на дојката, како и кај немалигни болести на бубрегот и црниот дроб.

Простатичен специфичен антиген (ПСА)

ПСА е гликопротеин, чија улога е веројатно разградување на семеното згрутчување.

ПСА се секретира од епителните клетки на ацинусите и дуктусите на простатичната жлезда и заедно со ПАП се меша со простатичната течност на ејакулатот. ПСА е откриен во 1971 година, а изолиран во 1979 година.

Клетките на простатата имаат ПСА3 гени (простата канцер гени 3). Овие гени прават клетките да продуцираат мало количество на специфичен протеин (ПСА).

ПСА протеинот го создаваат како нормалните, така и карциномските клетки на простатата. Карциномските клетки создаваат многу повеќе ПСА протеин од нормалните. Кога нивото на ПСА3 протеинот е висок, тој се излива во мочта. Така, овој протеин може да се мери и со уринарен тест. Но, досега не се знае колку ќе биде корисен овој тест и ваков тест не е достапен насекаде. Досегашните резултати од клиничките студии ветуваат висок степен на сигурност и овој тест може во иднина да биде вообичаен и рутински. Засега се испитува само ПСА протеинот во крвта.

Високите вредности на ПСА во крвта може да бидат знак за карцином, но нивото на ПСА може да биде покачено и при бенигно зголемена простата како и при инфекции (простатит). Затоа, за да се исклучи можноста од постоење на инфекција, се прави уринокултура т.е. се испитува присуството на бактерии во мочта. Доколку постои уринарна инфекција, тогаш таа соодветно се лекува.

Не треба да се прави повторна контрола на ПСА најмалку еден месец по завршувањето на терапијата на уринарната инфекција.

ПСА е протеин кој го има нормално во крвта кај здравите мажи. Не постои едно нормално ниво на ПСА. Тоа значи дека вредностите на ПСА може да варираат од маж до маж и нормалното ниво се покачува со возраста. Но, сепак, следниве вредности се груби показатели нј нормалните вредности на ПСА.

  • ПСА вредности до 3 ng/ml се сметаат за нормални, кај мажи под 60 годишна возраст
  • ПСА вредности до 4 ng/ml се сметаат за нормални, кај мажи од 60 до 69 години
  • ПСА вредности до 5 ng/ml се сметаат за нормални кај мажи над 70 години

Вредности повисоки од 5 ng/ml, но помалку од 10 ng/ml обично се јавуваат кај бенигната простатична хиперплазија. Вредности над 10 ng/ml, исто така, може да се видат кај бенигната простатична хиперплазија, но колку се повисоки вредностите на ПСА толку е поголема веројатноста за постоење на карцином.

Вредностите на ПСА под 4 ng/ml се сметаат за нормални, а над 10 ng/ml за високи. Вредностите од 4 до 10 ng/ml се средни вредности.

Понекогаш кај некои пациенти со веќе присутен карцином на простатата, нивото на ПСА во крвта е во нормални граници.

Но, општо земено, се смета дека колку се повисоки вредностите на ПСА во крвта толку е поголема шансата за постоење на карцином. Некои пациенти имаат вредности од стотина или илјадници ng/ml во моментот на дијагностицирање на карциномот. Колку е повисоко нивото толку е поголема веројатноста за постоење на напреднат или метастазиран карцином на простатата. Кога почнува да се развива карциномот на простатата и да расте, се продуцира сè поголемо и поголемо количество на ПСА, како што тој прогресира.

За да се утврди природата на болеста не е доволно само да се одреди ПСА во крвта, па затоа се надополнува со дигитален ректален преглед.

ПСА тестот исто така се користи, покрај за рана дијагноза на карциномот, и за следење на ефектот, односно, одговорот од применетата терапија. Успешната терапија го намалува туморот, а со тоа и бројот на карциномски клетки кои продуцират ПСА протеин. Затоа доаѓа до пад на нивото на ПСА во крвта.

Простатична кисела фосфатаза (ПАП)

Од лабораториските испитувања значајни за дијагноза на карциномот на простатата е и испитување на нивото простатична кисела фосфатаза во крвта.

ПАП е ензим кој што се користеше уште пред откривањето на ПСА, за дијагноза, за одредување на стадиумот на болеста, како и за следење на резултатите од применетата терапија.

Киселата фосфатаза ја излачуваат нормалните и туморските клетки на простатата, а исто така и други ткива. Овој туморски маркер нормално е присутен во крвта во многу мали количини. Во поголеми концентрации може да се најде кај некои болни со карцином на простата, посебно кога карциномот е проширен надвор од жлездата. Но,овој туморски маркер може да биде покачен и кај немалигните заболувања, како и во раните стадиуми на карцином на простатата.

Поради сигурноста на киселата фосфатаза во дијагнозата на раните стадиуми на карцином на простата, научниците се понадевале дека ќе може да се користи како метода за скрининг кај општата популација. Но, киселата фосфатаза може да биде покачена и кај 6% од болните со бенигна хиперплазија на простатата, па тестот не е доволно сензитивен и се користи во следењето на напреднатиот карцином на простата.

Зголемените вредности на киселата фосфатаза можат да се најдат и кај други малигни заболувања како што се: леукемија, нехочкин лимфом, карцином на тестисот, како и кај некој немалигни заболувања како што се: Gaucher-овата болест, Paget-овата болест, остеопорозата, цирозата на црниот дроб, велодробната емболија и хиперпаратироидизмот.

Хуман хорионски гонадотропин (HCG)

HCG нормално го произведува постелката (плацента) во текот на бременоста. Бидејќи неговата вредност расте рано во првото тромесечие, HCG се користи како показател за бременоста ( во тестовите за бременост.

HCG е гликопротеин и се сосоти од две подединици, алфа и бета, кои се неконвалентно врзани.

Неговата најважна примена е во дијагозата на гестациската трофобластна болест (mola hydatidosa, mola invasiva, koriokarcinom), како и кај туморите на заметните клетки. Нивото на HCG е поврзано со големината на тумоската маса, па затоа има и прогностичка важност.

HCG посебно осетлив и покачен и кај жени со многу мал тумор. Во текот на лекувањето на гестациската трофобластна болест, HCG се мели секоја недела, па по завржувањето на лекувањето се советува доживотно контролирање.

Повремено HCG може да биде покачен и кај карциномот на дојката, на белите дробови, на тестисот, на јаникот, на црниот дроб, и кај карциноми на органите на системот за варење.

Во поставувањето на дијагнозата на карциномот на тестисот помага и одредувањето на нивото на специфичните туморски маркери, а тоа се алфафетопротеинот (АФП) хуманиот хориогонадотропин (бХЦГ), како и ензимот-лактат дехидрогеназа (ЛДХ) во серумот.

Нивните вредности може да бидат повисоки од нормалните (референтни) вредности, но, може да имаат нормални вредности доколку е туморот мал. Затоа нивното ниво во крвта се користи и во одредување на проширеноста на туморот, предвидувањето на прогнозата, следењето на одговорот на терапијата, како и при следењето на пациетите по завршувањето на терапијата и повлекувањето на болеста. Повторно покачување на туморските маркери над нивото на референтните вредности значи и активирање на болеста (повторување на болеста-рецидив на болеста).

Лактат дехидрогеназа (LDH)

LDH е протеин кој може да се најде во целото тело. Скоро секој вид на карцином како и многу други боолести можат да предизвикаат пораст на LDH во крвта. Затоа, лактат дехидрогеназата не може да се користи како специфичен маркер за дијагноза на одреден вид на карцином.

LDH се користи за пратење на успехот од терапијата кај некои карциноми како што е карциномот на тестисот, Јуинговиот сарком, не-Хочкин лимфомот и некои видови на леукемии.

Покачени вредноси на LDH даваат и бројни немалигни состојби како: срцева слабост, хипотироидизам, анемија, белодробни и црнодробни заболувања.

CA 72-4 (карцином антиген 72-4)

CA 72-4 (карцином антиген 72-4) е гликопротеин кој е важен во дијагностиката на рак на желудник и рак на дебело црево, но не и за дијагноза на бенигните заболувања на овие органи.

Денес CA 72-4 е туморски маркер на избор за карциномот на желудникот, чија специфичност е поголема од 95%. Серумските вредности на овој маркер добро корелираат со стадиумот на болеста.

CA 72-4 е туморски маркер, кој заедно со CA 125 помага во поставувањето на дијагнозата, како и во следењето на епителијални карциноми на јајчникот. Поради својата поголема осетливост, овој маркер го заменува CA 125 маркерот кај муцинозниот оваријален карцином.

SCC (карцином антиген на скавмозните клетки)

SCC (карцином антиген на скавмозните клетки) ги открива или потврдува сквамозните карциноми на грлото на матката, на белите дробови и на усната празнина (специфичност 95%). Концентрацијата на SCC антигенот паѓа со успешното лекување, а при прогресија на болеста расте и до неколку месеци пред првата појава на клиничките симптоми и знаци на болеста. Овој маркер може да биде зголемен и при некои немалигни заболувања ан бубрегот, на белите дробови и на црниот дроб. 95% од здравите лица имат вредност помала од 6,9 kIU/L.

Неурон специфична енолаза (NSE)

NSE е изоензим кој може да се најде само во мозокот и неуроендокриното (нервно-жлездено) ткиво.

Овој туморски маркер може да се најде кај тумотите на средишниот нервен систем, кај неуробластомот, карциномот на белите дробови, Wilms-овиот тумор, меланомот, карциномот на штитната жлезда, на бубрегот, на тестисот и на панкреасот.

Но, како тумоски маркер се користи исклучиво за дијагноза на неуробластомот и микроцелуларниот карцином на белите дробови. Мерењето на овој туморски маркер кај овие две малигни заболувања дџава информации за степенот на болеста, за нејзината прогноза, како и за одговорот на терапијата.

Галактозил трансфераза

Галактозил трансфераза е зголемена кај различни малигноми, воглавно на органите на системот за варење. Кај карциномот на дебелото црево нивото на галактозил трансферазата корелира со стадиумот и напредувањето на болеста.

Кај карциномот на панкреасот овој туморски маркер е поосетлив за разликување на немалигните и малигните болести на панкреасот, одколку што е тоа CEA маркерот.

Имуноглобулини

Имуноглобулините се моноклонални антитела.

Стварањето на моноклонални антитела е карактеристично за мултипниот миелом (плазмоцитом). Овие парапротеини обично се комплетни молекули на антитело, но понекогаш може да се најдат и изолирани тешки и лесни ланци.

Имуноглобулините се важни за одредувањето на степенот и лекувањето на мултипниот миелом, каде количината на парапротеинот служи како показател за волуменот на туморот. Добриот одговор на терапијата е пратен со пад на нивото на имуноглобулините во крвта, а нивниот пораст укажува на прогресија на болеста или на рецидив ( враќање на болеста).