Артичок

Артичок

Др. Дарко Стојановски

Артичокот е целогодишно растение со пурпурни цветови. Иако артичокот се смета за зеленчук, делот кој се јаде во суштина е неотворена пупка од цвеќе. Лисјата и коренот на артичокот се користат како лек за некои заболувања, од синдром на иритабилни црева, до превенција на мамурлак.

Опис

Cynara scolymus е ботаничкото име за артичок. Според митологијата, грчкиот бoг Зевс се заљубил во убавата жена Cynara, ја претворил во божица и ја земал да живее со него. На Cynara не и се допаднал нејзинит нов дом и сакала да се врати назад на земјата. Тоа го налутило Зевс и тој ја вратил на земјата претворена во артичок.

Cynara е првото артичок растение и спаѓа во групата Asteraceae кои растат во медитеранските земји и јужна Европа, северна Африка и Канарските острови. Античките народи го користеле артичокот и како храна и како лек. Грците и Римјаните го сметале артичокот за деликатес и го користеле во третманот на дигестивни тегоби а исто така и како афродизијак. Старите грци уште сметале дека жените кои користат артичок ќе имаат машки деца.

Има повеќе од 50 видиви на артичок. Единствената врста која се одгледува во САД е зелен глобус артичок. Шпанските доселеници го донеле артичокот во Новиот Свет за време на 1880 – ите и 80% од врстата зелен глобус се одгледува во Кастровил во Калифорниа.

Како храна, артичокот содржи 25 калории и 3 грама растителни влакна, витамин Ц, фолати и магнезиум. Лисјата на артичокот содржат цинарин, состојка која помага во намалувањето на холестеролот.

Употреба

Артичокот во народната медицина се користел како афродизијак, но и за други состојби, како анемија, артритис, жолчни камења, јадеж и каснување од змија. Во поново време, артичокот се употребува како лек за синдром на иритабилни црева, холестерол и мамурлак, како и за проблеми со варењето на храната и губиток на апетит. Се смета дека артичокот го подобрува излачувањето на жолчката и така помага во проблемите со варењето на храната.

Листовите од артичок се одобрени за некои од овие услови во германската Комисија EMonographs, водич за хербални лекови, како на пример, заболувања на црниот дроб и жолчното кесе, и намален апетит.

Во САД артичокот се рекламира како суплемент во исхраната затоа што не е одобрен од FDA (United States Food and Drug Administration), а со тоа не се утврдени неговата безбедност и ефикасност и препорачаната доза.

Како и да е, во една студија од 208 луѓе дијагностицирани со синдром на иритабилно црево, учесниците биле оценети два месеци пред и после третманот со 320 mg или 640 мг. на екстракт од лист на артичок. Во текот на испитувањето, учесниците пријавиле 26,4% намалување на синдромот на иритабилно црево, како што наведува American Journal of Health-System Pharmacy. Дозирањето не направило значајна разлика во резултатот. Студијата заклучува дека артичокот може да ги ублажи некои од симптомите поврзани со синдромот на иритабилно црево или диспепсија (пореметено варење).

Препарати

Растителниот артичок е на располагање во капсули и екстракт форма. Јачината на капсулата се движи од 170 до 320 мг, а луѓето треба да ги следат препораките на паковањето. Просечната доза преку капсули е 600 mg на ден, а дневните дози на екстракт од лист на артичок е околу 500 мг. Луѓето треба да разговараат за дозирањето со нивниот лекар. Ова е особено важно за жените кои се бремени или доилки, и луѓе дијагностицирани со шеќерна болест, висок крвен притисок, блокада на црниот дроб и кардиоваскуларни заболувања.

Мерки на претпазливост

Поради недостатокот на информации за неговата безбедност, екстрактот од лист на артичок не треба да се дава кај деца помали од 12 години, бремени жени и жени кои дојат, како и кај лица кои имаат заболувања на бубрезите и црниот дроб и лица со обструкција на жолчните патишта. Исто така артичокот во двете форми, хербална и како храна, треба да се ибегнува кај лица кои се алергични на невен, хризантеми и маргарити.

Интеракции

Нема познати интеракции на лекарства со артичок.