Боранија – здрав и лековит зеленчук
Боранијата е многу хранлив и здрав зеленчук. Спаѓа во групата на мешункаст зеленчук. По потекло е од Мексико. За народите на старите цивилизации, покрај пченката и тиквата, боранијата била главна храна. Боранијата (Phaseolus vulgaris) во Европа ја довеле Шпанците во 16-тиот век и се препорачува за исхрана поради своите биолошки и лековити состојки. Денес таа се користи за исхрана во скоро сите земји во светот.
Боранијата е нискокалоричен зеленчук и во просек содржи 90% вода. 100 грама боранија има само 42 калории, 2,2 грама протеини, 0,2 грама масти и 7,6 грама јаглени хидрати. Боранијата содржи и многу минерали и витамини. Во 100 грама боранија има 52 милиграми калциум, 45 милиграми фосфор, 0,7 милиграми железо, манган, кобалт, никел, цинк и многу други микроелемнти. Содржи и каротин (провитамин А), витамини Б1, Б2, Б6, Ц и Е.
Сорти
Постојат многу врсти на боранија, а некои од попознатите се: тибер, нерина, лоди, фруидор, шумадинка, унидор, кинеска боранија, италијанска боранија…
Постои поделба на ниски и високи сорти. Ниските сорти повеќе се одгледуваат бидејќи се поефтини за одгледување, а даваат повисоки приноси. По боја боранијата може да биде зелена, бледожолта, жолта или шарена. По должина – долга, средна или кратка, а по форма – шилеста, тркалезна или широка.
Свежата боранија на пазар е достапна од пролет до есен, а замрзната, сушена и конзервирана може да се најде во продавниците во текот на целата година.
Состав и лековити својства
Боранијата содржи разни хранливи корисни и лековити состојки: aргинин, бакар, протеини, јагленохидрати, растителни масти, растителни влакна – целулоза, Б витамини, витамини Ц, Е, К, ПП, железо, инозитоли, калиум, калциум, кобалт, магнезиум, манган, минерални соли, натриум, никел, сапонини, селен, фолна киселина, флуор, фосфор, цинк…
Во мешунките на боранијата има 0,7-0,8% инозитол, кој го јакне срцето и го регулира метаболизмот. Боранијата го ослободува човековиот организам од отровните материи и е природен диуретик т.е. го зголемува излачувањето на урината. Исто така, боранијата го намалува нивото на шеќерот во крвта.
Боранијата е богат извор на растителни влакна, кои се неопходни за нормална функција на дебелото црево. Помага во превенцијата на ракот на дебелото црево. Витаминот Ц и бета каротините, исто така, помагаат во одржувањето на здравјето на дебелото црево.