Дерматоскопија – неинвазивна дијагностичка метода за меланом

Дерматоскопија – неинвазивна дијагностичка метода за меланом

Дерматоскопијата е нова, неинвазивна дијагностичка техника која користи оптичко зголемување за набљудување на малите кожни промени кои не се видливи со голо око. Дерматоскопијата е клучна дијагностичка метода со која се овозможува разликување на меланоцитните од немеланоцитните пигментирани промени на кожата.

Дерматоскопијата е метода која се користи за пратење на нетипичните бемки и за рано откривање на меланомот, од кој секоја година заболуваат сè поголем број на луѓе. Најновите истражувања покажуваат дека бројот на бемките е пропорционален со изложеноста на сонце во првите 10 години од животот.

Меланомот може да настане во секоја бемка, а ризикот за настанување на меланомот, во голема мера, корелира со големината на бемката. Просечен ризик за настанување на меланом кај лица со голема конгенитална меланоцитна бемка е помеѓу 4,5% и 10%.

Со развитокот на дерматоскопијата се овозможило, посебно кај луѓето со бројни пигментирани бемки и кај пациентите со синдром на диспластичен (атипичен) невус, детално да се набљудува архитектурата на бемката. При тоа се прават и снимки кои потоа овозможуваат пратење на истите бемки во одредени временски интервали.

Компјутеризирана дерматоскопија

Компјутеризираната дерматоскопија овозможува неинвазивно дијагностицирање на пигментните лезии на кожата со сликање и длабинска проценка на структурите кои не се видливи со голо око. Избраната лезија се снима а притоа се врши проценка и на структурите кои не се видливи со голо око. Софтверот е специјално изработен врз база на познатата АБЦД класификација за пигментни лезии. Притоа се одредува и степенот на ризик за малигнитет. Ако бемката има потреба да се прати во подолг временски период сликата останува запаметена и е на располагање за споредба со секоја наредна контрола.

Оваа софистицирана дијагностичка процедура овозможува рано откривање на ракот на кожата, посебно на малигниот меланом, кој е наопасен вид на кожен карцином.