Сексуално преносливи заболувања (СПЗ), Хуман папилома вируси
Сексуално преносливи заболувања (СПЗ) се инфекции кои се пренесуваат од едно на друго лице преку сексуален однос или интимни контакти со гениталиите (во текот на предиграта или во текот на „галењето“ со прсти или уста).
Класичните сексуално преносливи болести ги вклучуваат: гонореја, сифилис, канкроид, лимфогранулома ингвинале и лимфогранулома венерум. Според класификацијата на СЗО, во сексуално преносливи болести се вбројуваат и трихомонијаза (ТВ), кламидија, генитален херпес, кандидијаза, инфекција со хуман папилома вирус, вирален хепатит и СИДА.
Постојат барем 25 различни сексуално преносливи инфекции. Тие можат да бидат предизвикани од бактерии, вируси или паразити. Најопасна сексуално пренослива инфекцијата е онаа која ја предизвикува ХИВ вирусот (вирус на намален имунитет кај човекот), кој доведува до состојба на СИДА (синдром на стекната имунодифициенција).
Болестите кои се пренесуваат со сексуален однос се во постојан пораст од 1970 год. Додека порано најчести биле гонореја (трипер) и сифилис, сега се почесто се среќава генитален хепрес (herpes genitalis) и генталната ХПВ инфекција., а во пораст е и инфекцијата со ХИВ вирусот.
Од лабораторијата во МАНУ предупредуаваат дека се заканува епидемија на хуман папилома вируси.
Од 25 испитани примероци дневно, 20 % се позитивни на некој од поттиповите на хуман папилома вирусите (ХПВ), што е многу повеќе во споредба со изминатите години, покажуваат податоците од лабораторијата во МАНУ, каде што се прави типизацијата на овие вируси.
Бројот на позитивни наоди е во постојан пораст. Проблем е и тоа што се почесто се среќаваат мешани инфекции од еден или од два поттипа на ХПВ. Иако има повеќе од 100 типа на вирусот, кај нас најчесто се среќаваат околу 25 вида. Некои од нив се во групата високоризични, кои се директно поврзани со ракот на грлото на матката кај жените .
Колку вирусот ќе му направи штета на организмот зависи пред се од неговата одбранбена способност. Имунитетот е најважен за справувањето со инфекцијата. Затоа на пациентките како терапија им се препорачува да го зајакнат својот имунитет. Тоа, пред се, значи здрава исхрана и внесување многу свежо овошје и зеленчук во кое има многу витамини и минерали, неопходни за одржување на здравјето на човекот
Присуството на хуман папилома вирусот е индикатор за сите промени на грлото на матката и затоа се потребни редовни контроли.
Присуството на нискоризичните ХПВ е само насока дека треба редовно да се следат промените на грлото на матката и да се работи на имунитетот. Со честите гинеколошки прегледи можно е кај пациентките да се интервенира во претканцерогените состојби, кога ризикот е многу помал.
Поради раширеноста, во светот веќе се користат вакцини за одредени поттипови вируси.
ХПВ – Хуман папилома вирус
Терминот ХПВ се однесува на група вируси т.н. папилома вируси. Досега се идентификувани околу 100 различни типови на ХПВ вируси, а околу 30 од нив се пренесуваат со сексуален однос. Овие вируси се напрекуваат папилома вируси, бидејќи одреден број од нив предизвикуваат брадавици по телото на човекот или медицински наречени папиломи. Хуман папилома вирусите (ХПВ) предизвикуваат инфекција која ги зафаќа кожата и слузниците по телото.
Оние типови кои се пренесуваат преку гениталиите се нарекуваат генитални ХПВ, а болестите кои ги предизвикуваат спаѓаат во сексуално преносливи болести.
Хуман папилома вирус
Дури 50 % од сексуално активните лица ќе развијат инфекција со ХПВ во одреден момент од својот живот.
ХПВ се разликува од гениталниот херпес, кој исто така претставува вирус што се пренесува со сексуален однос (сексуално пренослива болест). Сепак, гениталниот херпес предизвикува појава на мали меурчиња или ситни ранички на гениталната слузокожа, додека ХПВ предизвикува појава на израстоци наречени брадавици, медицински познати како condylomata acuminatum.
Одредени типови на ХПВ можат меѓутоа да предизвикаат појава на цервикална дисплазија- променета слузница на вратот на матката со потенцијал да се трансформира во вистински рак на грлото на матката. Во обата случаи, жената може воопшто да не осеќа никакви тегоби. Не постои лек за ниту една од овие болести, но во најголем број од случаите на инфекција со ХПВ, имуниот систем на организмот успешно се бори со вирусот и на крај успева целосно да го отсрани вирусот од себе. За разлика од ХПВ, гениталниот херпес вирус има тенденција да се скрие и долго да мирува во организмот (најчесто во нервните клетки) и чека погоден момент кога повторно ќе се активира.
Инфекцијата со HPV вирусот се смета како главен фактор на ризик за развој на карцином на грлото на матката.
HPV е изолиран во 99.7% од сите цервикални карциноми. Се смета дека овој вирус трансформирајќи ги клеточните протеини кои се енкодирани со вирусните гени Е6 и Е7 можат да ги блокираат продуктите на тумор-супресорните гени p53 i pRb во клетката и на тој начин да доведат до нејзина неконтролирана, абнормална делба.
HPV се класифицира во група на високоризични генотипови (HPV 16, 18, 31 i 45) и група на нискоризични генотипови (HPV 6 i 11).
HPV 16 предизвикува околу 50%, а HPV 16 и 18, околу 70% од сите цервикални карциноми. Помеѓу 18 и 24 годишна возраст, со високоризичните HPV типови се инфицирани 8-12% од жените, а по 35 годишна возрат, 2-5%.
HPV инфекцијата на цервиксот на матката, која се пренесува по сексуален пат, најчесто е во субклиничка форма, и е присутна кај 7-17% од женската популација. Оваа инфекција има улога на промотор во канцерогенезата.
Од инфекцијата со HPV вурсот до развој на карцином на грлото на матката може да поминат 7 до 10 години, што остава доволно време за превенција. Превенцијата се спроведува со:
- ПАПА тест: секои 3 години, доколку е наодот уреден,
- Тестови за идентификација на ХПВ, ако ПАПА тестот уреден,
- Колпоскопија, ако е наодот од ПАПA тестот нејасен.
Неколку испитувања покажаа дека ХПВ инфекциите играат улога и во настанување рак на анусот, вагиналните усни и пенисот, како и на одредени облици рак на устата и голтникот.
Видови на ХПВ со низок и со висок ризик (онкогени)
Хуман папилома вирусите се група на вируси кои обично доведуваат до појава на брадавици. Некои од типовите ХПВ се пренесуваат по сексуален пат. Од нив се одвојуваат две категории, ХПВ со нисок ризик и ХПВ со висок ризик:
- ХПВ со низок ризик (ХПВ тип 6 и тип 11).
- ХПВ со висок ризик (најчести: ХПВ тип 16 и 18).
ХПВ со низок ризик (ХПВ тип 6 и тип 11)
Овие типови на ХПВ предизвикуваат појава на генитални брадавици.
Според најновите сознанија, нискоризичните генотипови (ХПВ 6 i 11) не можат да предизвикаат инвазивен карцином, туку само бенигни промени како што се гениталните брадавици – кондиломи.Повеќето од луѓето инфицирани со овие типови на ХПВ воопшто и не знаат дека се инфицирани, бидејќи кај нив воопшто и не се развиле брадавици по гениталиите. Брадавици можат да се формираат со недели, месеци или години по сексуалниот контакт со лицето инфицирано со ХПВ. Гениталните брадавици најчесто се поврзани со ХПВ тип 6 и тип 11.
ХПВ со висок ризик (најчести: ХПВ тип 16 и 18)
Инфекцијата со високоризичните (онкогени) ХПВ типови е силно поврзана со настанувањето на цервикалниот карцином. Тие се обвинуваат како високо ризични, бидејќи нивната поврзаност со CIN III (тешка дисплазија) и со Ca in situ е извонредно честа (50-93%). Затоа, од голема вредност е ХПВ типизацијата во одредувањето на ризикот за настануавањето на цервикалниот карцином.
Во прилог на ова оди и фактот што ова малигно заболување е поретко во одредени религии, каде од верски причини се прави циркумцизија (обрежување) кај мажите. Така, од цервикалниот карцином поретко заболуваат жените еврејќи, односно муслиманките. Односот на инциденцата помеѓу еврејките и христијанките е 1:5. Се смета дека смегмата со придружните бактерии и вируси плус повредите на цервиксот ја потенцираат инфекцијата и создаваат услови за метаплазија и малигна трансформација на клетките.
Обично, ХПВ типовите со висок ризик не причинуваат здравствени проблеми и исчезнуваат сами од себе. Меѓутоа кога истите овие типови ХПВ остануваат долготрајно присутни во гениталиите тогаш тие се главен ризик фактор за појава на рак на грлото на матката. ХПВ со висок ризик, а кои се пренесуваат со сексуален однос се тип 16, 18, 31, 33, 35, 39, 45,51, 52, 56, 58, 59, 68, 69 и веројатно уште неколку други.
Како се пренесува ХПВ инфекцијата?
ХПВ се пренесува со директен контакт од кожа на кожа со инфицирано лице. Преносот обично се врши при вагинален, орален или анален секс. Пренесување на инфекцијата може да се случи дури и кога инфицираното лице нема брадавици или било какви други симптоми.
Мора да се истакне дека употребата на презервативите не значи и сигурна заштита од ХПВ инфекцијата. Можно е таа да се пренесе и од присутниот вирус на кожата околу гениталните органи. Вирусот може да го има на кожата на скротумот и кожата на бедрата кај инфицираното лице.
Спермицидните пени, кремови, желеа кои имаат дејство против сперматозоидите и со тоа спречуваат несакана бременост, не се ефикасни во спречување на ХПВ инфекција. Напротив тие можат да предизвикаат ситни микроскопски ранички на слузницата на гениталиите, со што се олеснува контактот со ХПВ вирусот.
Се уште не е сосема потврдено дали инфекцијата може да се пренесе преку предмети како крпи, долна облека или друг личен прибор.
Фактори на ризик за развој на ХПВ инфекција се:
- Повеќе сексуални партнери. Утврдено е да лицата кои почесто ги менуваат своите сексуални партнери имаат значително поголем ризик да бидат заразени со ХПВ. Лица кои имаат еден сексуален партнер имаат многу помал ризик од инфекција со ХПВ вирус.
- Сексуални односи со високо ризичени партнери. Оние лица кои имаат сексуални односи со лица кои често ги менуваат своите сексуални партнери или кои се заразени со ХПВ вирусот, имаат поголем ризик да се заразат со ХПВ вирусот. Во тие случаи обавезно се препорачува користење на презервативи при сексуалниот однос, иако и тие не даваат целосна заштита од инфекцијата.
- Пушење. Утврдено е дека пушачите имаат поголем ризик да се заразат од ХПВ вирусот. Исто така, пушењето е важен фактор на ризик за развој на преканцерозните лезии на грлото на матката, како и за развој на карциномот на грлото на матката. Инциденцата на цервикалниот карцином е повисока кај жените кои пушат. Тие имаат релативен ризик за заболување од 3.0.
- Намален имунитет. Лицата со намален имунитет, како оние со СИДА или некои други нарушувања, имаат зголемен ризик да се инфицираат со ХПВ. Исто така кај нив инфекцијата е побурна и може да даде поизразени симптоми и знаци.
Симптоми и дијагноза на ХПВ инфекцијата
Симптоми и знаци кај ХПВ инфекцијата
Инфекцијата сп ХПВ вирусот може да биде асимптоматска, односно да лицата инфицирани со хуман папиломавирус (ХПВ) немаат никакви симптоми и знаци на инфекцијата и да не се свесни дека се заразени, бидејќи вирусот самиот од себе може да не предизвикува никакви тегоби.
Сепак, кај одреден број лица заразени со одредени типови на ХПВ се јавуваат генитални брадавици (единечни или повеќе на број, кои растат во предел на гениталиите). Брадавиците главно се појавуваат на влажниот дел на гениталиите или околу анусот. Овие брадавици, обично се меки, влажни, со розевкаста боја или со боја на месо. Тие може да бидат испакнати или во иста рамнина со останатиот дел на слузницата. Овие брадавици не мора да се појават веднаш по инфицирањето со ХПВ вирусот. Можат да се појават неколку недели па и месеци по сексуалниот контакт со инфицираното лице.
Гениталните брадавици можат да растат од внатрешната или надворешната површина на вагината, на вагиналните усни, вулвата, грлото на матката и во или околу анусот.
И мажите можат да бидат инфицирани со ХПВ вирусот. Обично кај нив инфекцијата предизвикува појава на брадавици во пределот на пенисот, скротумот, на кожата на бедрата и во или околу анусот.
Поретко гениталните брадавици можат да се појават и во устата и грлото, особено кај лица кои практикуваат орален секс со друго ХПВ инфицирано лице.
Гениталните брадавици обично не предизвикуваат симптоми, а ако истите се јават најчесто се манифестираат во вид на чешање и печење. Брадавицате се нежни и може и при помала механички дразба да се разрани и да крвари. Може да дојде и до дополнителна бактериска инфекција, која ја влошува состојбата, па да се јави болен оток, црвенило, печење, изразит јадеж во пределот на промените.
Дијагноза на ХПВ инфекцијата
Бидејќи ХПВ често не дава никакви симптоми, најчесто се открива случајно за време на рутинскиот гинеколошки преглед. При прегледот лекарот забележува постоење на генитални брадавици во или околу вагината, на вагиналните усни, грлото на матката или околу анусот. Тоа е доволна причина да се испрати пациентот на дополнителни иследувања, со цел да се открие причинителот на овие генителни брадавки. Најчесто е тоа ХПВ вирусот.
Во сите случаи кога при гинеколошкиот преглед ќе се откријат промени на гениталните органи, посебно доколку се откријат генитални брадавици, потребно е да се направи ПАПА тест.
ПАП тест се употребува како редовен тест за рано откривање на рак на грлото на матката. ПАПА тестот во такви случаи обично покажува промени на грлото на матката предизвикани со ХПВ инфекцијата.
ПАП тестот е и најчесто употребуваниот тест со кој се открива ХПВ инфекција.
Сепак, можно е резултатите од ПАП тестот да бидат нормални и покрај тоа што жената е инфицирана со ХПВ. Но и обратното, ненормален ПАП тест не мора да значи дека постои инфекција со ХПВ.
Ако брадавиците се мали и не можат да се видат при обичен преглед, лекарот може да ја испрати пациентката на колпоскопија.
Колпоскопијата е дијагностичка метода со која се гледа грлото на матката со зголемување од 6 до 40 пати. Колпоскопијата е раширена метода на преглед на грлото на матката, со која се бараат евентуално присутни лезии.
Колпоскопија е дијагностичка постапка која му овозможува на лекарот директена визуализација на слузницата на вагината и на грлото на матката со помош на колпоскоп, кој е еден вид на микроскоп со светло Лекарот прво го премачкува цервиксот со раствор на оцетна киселина, а потоа користи инструмент сличен на микроскоп т.н. колпоскоп со кој темелно го прегледува цервиксот. Лекарот може потоа да го премачка цервиксот со раствор на јод (постапката се нарекува Schiller тест). Здравите клетки изгледаат кафени, додека абнормалните се жолто пребоени. Оваа постапка може да се изведе во амбулански услови.. На тој начин се гледаат и промени кои не може да се забележат со „голо око“, т.е. без зголемување. Прегледот со колпоскоп може да биде непријатен, но не е болен и трае 5-10 минути.
Доколку при колпоскопијата се забележи сомнителна лезија на грлото на матката, треба да се земе материјал од таа промена (биопсија) со цел да се постави дефинитивна патохистолошка дијагноза.
Кај еден вид на биопсија, лекарот користи инструмент за откинување на мали парченца на цервикално ткиво.
Друга метода која се користи за биопсија е т.н. електрохируршка ексизиона постапка (LEEP). При оваа постапка лекарот користи електична жица за да земе тенок кружен дел од ткивото.
И двата вида на биопсија можат да се изведат во амбулантски услови, со користење на локална анестезија т.е. при самата биопсија, лекарот локално го анестезира грлото на матката. По постапката можно е слабо крварење.
Кај жени над 30 години возраст или оние кај кои постојат сомнителни резултати на ПАПА тестот лекарот може да побара да се изведе ХПВ тест.
Тестови за идентификација на HPV вирусот
До сега, во раното откривање на ракот на грлото на матката, се користел ПАПА тест со кој се откриваат абнормалните промени на клетките, кои би можеле да бидат знак за ран стадиум на карцином.
Во изминатиов пола век од почетокот на неговата примена, ПАПА тестот значително ја намалил смртноста на жените од карцином на грлото на матката. Сепак, овој тест има и свои недостатоци и технички ограничувања, поради кои, неговата најголема осетливост не минува 80%. Тоа значи дека секоја петта жена која има предстадиуми на карцином или ран карцином (CIN) добива лажно негативен (уреден) наод на ПАПА тестот. Покрај тоа, кај поблаги промени во ПАПА тестот (CIN I i CIN II) и кај нејасни сомнителни наоди, не е можно да врз основа на изгледот на клетките се процени дали се работи за бенигни промени или за почетен карцином.
Благодарение на напредокот на молекуларната генетика и посебно развојот на PCR технологијата во текот на последните 20 години, во 2004 година е одобрена примената на првиот дијагностички HPV PCR тест (Roche AMPLICOR HPV) во САД и Европската Унија. Овој тест има осетливост од 96-97%, значи има 5 пати помала грешка (3 – 4%).
HPV PCR тестот има три пати помала грешка од постарите генерации на HPV DNK тестови (Digene HC II), чија осетливост е 88-89%. Денес многу истакнати научници, научни здруженија, здравствени осигурувања и владини организации ја препорачуваат примената на HPV DNK тестот како надополнувње на ПАПА тестот.
Америчкото здружение за колпоскопија и цервикална патологија (ASCCP) и Европското здужение за инфективни болести во гинекологијата и акушерството (ESIDOG) донеле, врз основа на договори со бројни научници, препораки према кои HPV DNK тестот е вклучен во раната дијагностика на ракот на грлото на матката, покрај ПАПА тестот. Према овие препораки, ако е наодот на ПАПА тестот CIN I или CIN II, веднаш се зема примерок за HPV DNK тест.
Ако е жената позитивна на HPV вируси со голем ризик (онкогени), веднаш е потребно да се направи колопскопија и доколку при колпоскопијата се откријат видливи промени, се зема биопсија за патохистолошка анализа.
Доколку кај жената не е утврден HPV вирус со голем ризик и промената е бенигна, тогаш се доволни само контролни дијагностички тестови кои се прават на неколку месеци.
Последниве години, примената на HPV DNK тестот (за типови со висок ризик) се проширува и на тестирање на сите здрави жени, со цел рано да се откријат сите жени кои имаат зголемен ризик од развој на карцином на грлото на матката, бидејќи ова е, во овој момент, најосетлив тест кој ни стои на располагање.
Према перпораката на Америчкото здружение на гинеколози и акушери (ACOG) од 2003 година, HPV DNK тестот е заедно со ПАПА тестот, метода за рано откривање на ракот на грлото на матката кај сите жени постари од 30 години. Во Британија, во 2003 година, објавени се резултатите од големата клиничка студија спроведена со цел да се оцени ефикасноста на HPV DNK тестот како прва метода во постапката за рано откривање на карциномот на грлото на матката. Клиничката студија опфатила вкупно 11000 жени на возраст од 30 до 60 години. Со HPV DNK тестот откриени се 97% жени кај кои е накнадно утврден CIN. Со ПАПА тестот откриени се 77% жени од оваа група. Авторите на клиничката студија заклучиле дека HPV DNK тестот открива повеќе жени со CIN, отколку ПАПА тестот. Затоа, тие го препорачуваат овој тест на сите жени, посебно по 30 годишна возраст. Тие препорачуваат HPV DNK тестот да се изведува еднаш годишно, како прв тест за рано откривање на ракот на грлото на матката, наместо стандардниот ПАПА тест.
Освен за рано откривање на ракот на грлото на матката, овој тест е потребен и за пратење на жените кај кои е откриен и лекуван карциномот на грлото на матката или CIN. Кај овие жени, негативниот HPV DNK тест е знак дека во целост е отстрането не само малигното ткиво, туку и причинителот, кој би можел да доведе до повторен развој на карцином.
Доколку е HPV DNK тестот по зафатот позитивен, потребни се дополнителни темелни дијагностични испитувања и внимателно пратење на пациентките, бидејќи постои ризик за повторна појава на малигна болест.
Ова е посебен тест кој ги детектира повеќето од ХПВ типовите со висок ризик. Слично на ПАПА тестот , ХПВ тестот вклучува користење на мала четкичка со која се присобираат клетки од грлото на матката. Тестот во основа се состои во препознавање на ДНК на најчестите високо ризични ХПВ типови.
ХПВ тестови не се изведуваат кај мажите.
Гениталните брадавици и бременоста
Повеќето од жените кои порано имале генитални брадавици (но во моментот ги немаат) нема да имаат проблеми за време на бременоста или кога ќе се пораѓаат. Но, доколку гениталните брадавици се појават за време на бременоста, тие можат значително да пораснат и да прокрварат. Ваквите брадавици кои имаат тенденција побрзо да растат за време на бременоста може да го попречат актот на мокрење. Понекогаш ваквите брадавици бараат да бидат отстранети за време на бременоста, особено доколку нараснале до толкава мерка со што сериозно го блокираат патот преку кој ќе се одвива породувањето.
Во поретки случаи, бремената жена може да го пренесе ХПВ на нејзиното бебе. Како резултат на ова, брадавици можат да се појават во грлото на новороденото.
Вакцина против ХПВ вирусот
Во Јуни 2006 година во САД беше одобрена првата вакцина против ХПВ. Вакцината е позната под називот Gardasil вакцина. Во клиничките испитувања, вакцината се покажа како многу ефикасна во спречување на инфекција со два типа ХПВ вируси од групата со висок ризик, ХПВ 16 и ХПВ 18. Овие вируси се одговорни за 70% од случаите рак на грлото на матката предизвикани од ХПВ. Вакцината исто така заштитува и од инфекција со ХПВ тип 6 и 11, кои предизвикуваат приближно 90% од гениталните брадавици.
ХПВ вакцината е рекомбинантна вакцина, што значи дека во себе не содржи живи вируси. Вирусот во вакцината е протеин добиен со генетски инжењеринг и не може да предизвика ХПВ инфекција. Се дава во серија од три инјекции во мускул во тек на шест месечен период.
Во САД вакцината рутински им се дава на девојчињата на возраст помеѓу 11 и 12 години. Сепак, вакцината може да им се даде и на девојчиња на 9 годишна возраст во соработка со матичниот гинеколог.
Најдобро е ХПВ вакцината да се дава пред девојката да стане сексуално активна.
Иако жените кои не биле претходно изложени на ХПВ имаат потполна корист од вакцината, се покажало дека од вакцината имаат корист и жените кои веќе претходно биле сексуално активни и притоа биле изложени на ХПВ. Од тие причини се препорачува жените на возраст меѓу 13 и 26 години исто така да се вакцинираат.
Жените кои примиле вакцина треба да продолжат да се придржуваат кон редовните гинеколошки прегледи и ПАПА тестови. Вакцината не заштитува од останатите полово преносливи болести па жените мораат да се придржуваат кон вообичаените мерки за заштита од овие болести.
Вакцините ја спречуваат, но не ја лекуваат инфекцијата со ХПВ вирусот.
Вакцините немаат никаков ефект кај жените кои се веќе заразени со ХПВ вирус.
Тие не треба да се даваат за третман на постоечка инфекција.
Dr. Hildesheim изјавил дека двете моментално постоечки вакцини за ХПВ – Gardasil и Cervarix, ја зголемиле јавната свест за врската помеѓу ХПВ и ракот на грлото на матката.
Тој и неговите колеги спровеле студија во која биле вклучени 2,189 жени на возраст од 18-25 години и кои биле позитивни за ХПВ инфекција. Резултатите од студијата покажале дека кај жените третирани со вакцината немало никакви знаци за чистење на вирусот.
“Овие резултати се сосема очекувани“- изјавил Liad Diamond, претставник од Glaxo.
Од двете фармацевтски компании кои ги произведуваат вакцините, Merck и Glaxo, изјавиле дека вакцините не се наменети за лекување на ХПВ инфекција и дека оваа студија ги потврдува нивните сопствени истражувања.
Станува збор за четворовалентна вакцина која помага за заштита од болести што ги предизвикуваат ХПВ типовите 6,11, 16 и 18. Вакцината помага во превенцијата, односно во спречувањето на појавата на овие болести, но мора да се знае дека таа не ги лекува. Вакцината е произведена со рекомбинирана технологија и содржи само делови од вирусот. Таа е наменета за девојчињата и девојките од 9 до 26 години и се применува во 3 дози.
Вакцината има превентивна улога, односно нејзиното дејство е најдобро и штити од каков и да е контакт со ХПВ од типовите 6,11,16 и 18. Најсигурно е вакцината да се прими пред почетокот на сексуалниот живот. Но, треба да се знае дека лице кое е веќе заразено со ХПВ може да има корист од вакцината затоа што повеќето лица не се заразени со сите 4 типа на ХПВ од кои вакцината заштитува, па ќе имаат одредена заштита од останатите типови содржани во вакцината.
Како заштита од инфекција со ХПВ вирусот се препорачува и еден сексулен партнер. Долготрајната врска со неинфициран партнер може да ја спречи инфекцијата. Сепак имањето сексуални односи само со еден партнер во животот не е гаранција дека сигурно нема да се јави инфекција со ХПВ вирусот.
Треба да се одбегнува сексуален однос со лице кое има генитални брадавици. Лицето со јасно видливи генитални брадавици треба да се воздржува од сексуални односи сè додека не се отстранат брадавиците. Оваа го намалува ризикот од ширење на ХПВ.
Редовното ПАПА тестирање е многу важно за раното откривање на инфекцијата со ХПВ вирусот. Иако ПАПА тестот не штити од инфекција, сепак тој рано ги открива промените на грлото на матката што е особено важно во спречувањето на појава на рак на грлото на матката.