Како може да се препознае на бемка дали постои рак?

Како може да се препознае на бемка дали постои рак?

Најпрвин пред се да ви се заблагодарам што сакате да ни помогнете при спречување на ракот.
Сакам да знам како може да се препознае на бемка дали постои рак и дали ако постои може да се излечи?

Што се однесува до вашето прашање, морам да ви напоменам дека секоја промена на некоја, веќе постоечка, бемка може да биде сериозна работа. Знаете како, ние онколозите секогаш помислуваме на најлошото, па дај боже, да не испадне така. Но, така е и подобро. Многу лекари ги занемаруваат некои промени и се случува да се постави дијагноза на некое заболување касно, после неколку месеци од постоењето на некои симптоми и знаци. Тогаш и терапијата е далеку помалку успешна.

Затоа ви препорачувам редовно, барем еднаш месечно, да правите самопреглед на кожата. Тоа значи да застанете пред огледало и внимателно да ја прегледате секоја промена и бемка на кожата. Доколку приметите дека некоја бемка се зголемува, ја менува својата боја или почнува да крвари, треба веднаш да се обратите на лекар.

За тоа како се изведува самопрегледот на кожата можете да видите во делот МУЛТИМЕДИЈА, на нашиот портал, каде постои видео презентација за самопрегледот.

Малигниот меланом е видлив тумор и поради тоа е можна рана дијагноза. Промената е лесно видлива и пациенетот може сам да ја примети. Сепак, популацијата, како и лекарите, треба да бидат едуцирани во препознавање на знаците при појава на меланомот.

Раната дијагноза е единствен начин да се намали смртноста од меланомот во денешно време, бидејќи лекувањето на проширената болест има незначително влијание врз преживувањето.

Во поставување на дијагнозата на малигниот меланом, голема улога игра ABCD – правилото според англо-саксонската литература.Тоа е:

  • асиметрија (Аssumetry),
  • ирегуларност на рабовите (Border irregularity),
  • промена на бојата или темно црна боја (Color variation or dark black colour),
  • дијаметар поголем од 6 мм (Diameter greater than 6 mm).

Шкотската асоцијација за меланом има развиено дијагностички критериуми кои се состојтат од 3 важни и 4 помалку важни критериуми во клиничката дијагноза. Пациент кој исполнува кој било од важните критериуми, би требало да се упати во специјалистички центар за биопсија, а присуство на помалку важни критериуми треба да го предупреди лекарот да превземе понатамошни иследувања.

Важни (Major) критериуми:

  • Промена на големината на претходната лезија и очигледен раст на нова лезија.
  • Ирегуларен облик-асиметрија и ирегуларен надворешен раб на новоразвиената пигментна лезија или појава на оваа карактеристика кај стара лезија.
  • Ирегуларна боја-разнообразност на сенки на кафено или црно, во нова или стара лезија.

Помалку важни (Minor) критериуми:

  • Најголем дијаметар еднаков или поголем од 7 mm. Повеќето од бенигните бемки имаат најголем дијаметар помал од 7 mm.
  • Инфламација-ретка во бенигните лезии, освен ако не се редовно изложени на траума.
  • Секреција, инкрустација или крварење (не е карактеристична за бемките).
  • Промени во сензација-обично се опишуваат како лесен јадеж.

Повеќе од 90% од меланомите може да бидат препознаени клинички, доколку се видени од искусни лекари, но процентот опаѓа до 50% кога истите се видени од неискусни лекари.

Затоа уште еднаш ќе ја потенцирам за важноста на самопрегледот на кожата и пратењето на нормалните бемки кои ги имаме по кожата, а кои не се малигни, но можат да преминат во малиген меланом.

Што се однесува до лекувањето на меланомот, тоа е најпрво хируршко, значи целосно отстранување на туморот, со вадење и на дел од здравата кожа. Дополнителна терапија се дава во зависност од тоа каков е туморот, неговата проширеност и од многу други работи, па за понатамошната дополнителна постоперативна терапија одлучува онкологот, доколку е таа потребна.

Се надевам дека ви одговорив на вашето прашање. За повеќе иформации за меланомот и другите видови на кожен рак може детално да прочитате на нашиот портал на следниве линкови:

Причини и ризик фактори
Превенција и скрининг
Симптоми и знаци
Дијагностички постапки
Терапија кај малиген меланом

Поздрав.

Д-р Лилјана Ацева