Се повеќе докази за лековитоста на карито
Ако во исхраната внесуваме голема количина на овошје и зеленчук во различни бои, можеме да спречиме многу современи заболувања како што се: кардиоваскуларните заболувања, остеопорозата, дијабетот и малигните заболувања, кои се јавуваат како последица на современиот начин на живот и исхрана.
За да разбереме зошто храната има така важно и големо влијание на организмот, потребно е да знаеме што таа содржи. Лековитоста на храната можеме да ја препишеме на сите фитохемикалии од овошјето и зеленчукот. Овие фитохемикалии имаат изразено антивоспалително,антиоксидативно и антиканцерогено дејство. Тие го поттикнуваат природниот одбрамбен механизам на организмот во борба против отровите и на тој начин позитивно делуваат на здравјето.
Фитохемикалиите од храната се покажале како моќни борци против воспалението, но и како моќни борци против ракот. Една од најјаките фитохемикалии против воспалението е куркуминот, жолт пигмен од растението куркума, а не смееме да ги заборавиеме и познатите омега 3 масни кислеини, чиј доволен внес во организмот, во значителна мерка, може да го намали ризикот од појава на кардиоваскуларни заболувања.
Молекулата од куркумата, состојка во карито, која на овој зачин му ја дава итензивната жолта боја, може да ги убие клетките на ракот на хранопроводникот во лабораториски услови.
Ова би можело да послужи како основа за нов начин на лекување на ракот, заклучиле истражувачите од Истражувачкиот центар за рак во Корк, во Ирска.
Истражувачите ги третирале клетките на ракот на хранопроводникот со куркумин. Тие откриле дека ова соединение ги убива клетките на ракот во рок од 24 часа. Под дејство на куркуминот, клетките на ракот почнале да се „јадат“ самите себе, пренесува Ројтерс.
Некои претходни студии покажале дека куркуминот го спречува развојот и ширењето на туморите и дека луѓето кои јадат доста кари можеби се помалку склони кон развивање на рак, иако антиканцерските дејства на ова соединенија брзо се губат по неговото консумирање.
Најновата студија која ја спровеле научниците од Грац покажала дека состојка од карито – куркуминот може да го одложи оштетувањето на црниот дроб, кое може да доведе до цироза.
Тестирањата спроведени врз лабораториски глувци покажале дека со внесување на куркумин се ублажуваат воспалителните процеси, кои инаку можат да доведат до оштетување на клетките на црниот дроб, кои пак од своја страна може да доведат до рак на црниот дроб.
Последната студија покажува дека куркуминот исто така предизвикува стимулација на имунолошкиот систем, која доведува до намалување на ризикот од Алцхајмерова болест.