Одржување на нормална телесна тежина
Обезноста или зголемена телесна тежина претставува фактор на ризик за настанување на многу заболувања како што се: хроничните кардиоваскуларни и метаболни заболувања (покачен крвен притисок, покачени масти, шеќерна болест, заболувања на срцевите и мозочните крвни садови, кои можат да доведат до настанување на срцев или мозочен удар).
Зголемената телесна тежина се смета како фактор на ризик за настанување на некои видови на рак.
Така, обезноста е фактор на ризик за развој на рак на дојката, бидејќи кај тие жени е зголемена продукцијата на естрогените хормони, во споредба со жените кои имаат нормална телесна тежина. Одржувањето на нормалната телесна тежина е еден од најдобрите начини да се намали ризикот од рак на дојка.
Дебелите жени имаат 50% поголеми шанси да заболат од рак на дојка во споредба со жените кои немаат проблем со тежината. Ова го докажала и најновата клиничка студија.
Обезноста е еден од факторите на ризик за настанување на ракот на јачникот.
Новата епидемиолошка студија, која беше објавена на 5-ти јануари 2009 година во електронското издание на CANCER, открила дека меѓу жените кои никогаш не користеле менопаузална хормонска терапија, гојазните жени се со поголем ризик за развој на рак на јајчникот, во споредба со жените кои имат нормална телесна тежина. Ова откритие ќе биде објавено во пишана верзија на 15 февруари 2009 година, во CANCER, часописот на Американкото здружение за канцер (American Cancer Society – ACS).
Оваа епидемиолошка студија индицира дека гојазноста може да допринесе за развој на рак на јајчник преку хормонски механизам. Прекумерната телесна тежина кај постменопаузалнмите жени води до зголемена продукција на естроген, кој истовремено може да го стимулира растот на оваријалните клетки и да игра улога во развојот на оваријалниот карцином.
Зголемената инциденца на аденокарциномот на хранопроводникот во изминативе три децении, сугерира на нов етиолошки фактор за овој вид на рак, а тоа е обезноста. Утврдено е дека како што расте инциденцата на обезноста, така расте и инциденцата на аденокарциномот на хранопроводникот.
Повеќе студии укажуваат дека прекумерната телесна тежина и внесувањето на голема количина масти од животинско потекло во исхраната го зголемуваат и ризикот за развој на рак на простата.
Постои теорија која укажува дека мастите ја зголемуваат продукцијата на машкиот полов хормон, тестостерон, кој го потпомага настанувањето на простатичните карциномски клетки.
Исто така, лица кои имаат прекумерна телесна тежина имаат повисок ризик од појава на рак на бубрегот.