Терапија со масажа

Терапија со масажа – придобивките од масажата

Терапијата со масажа е една од најстарите методи на лекување и се смета дека се користи околу 5000 години. Корените на масажата потекнуваат од источно Кинеската култура, која уште пред 4700 години ја користела масажата за намалување на болката. Во гробниците на Старите Египќани се пронајдени цртежи на кои е прикажана масажата. Во традиционалната Индиска медицина постои техника позната како Ayurveda која се практикувала со користење на различни ароматични масла. Дури и големите грчки и римски јунаци, често ја користеле масажата. Познато е дека Julius Caesar ја користел масажата за намалување на нервната напнатост и стрес.

Во западната медицина најпозната е Шведската техника на масажа. За прв пат е применета во 19 век. Шведските терапевти ги превзеле техниките на традиционалната Кина, Индија, Египет, Грција и Рим и ги приспособиле на потребите на современиот човек. Генерално гледано, ова е техника која најчесто се применува во западниот свет, а се користи за подобрување на циркулацијата, за релаксација, за намалување на болката и за подобрување на општата здравствена состојба на организмот.

Масажата не може да ги излечи сите болести, но таа може да ја подобри општата состојба на организмот, да ги намали постоечките тегоби, вклучувајќи ги тука и хроничната болка како и емотивните пореметувања кои може да се јават како последица на болката. Масажата може да го забрза процесот на заздравување.

Масажата доведува до:

  • Релаксација на целото тело,
  • Ублажување на хроничната болка,
  • Подобрување на циркулацијата,
  • Елиминирање на отровите од телото,
  • Намалување на крвниот притисок,
  • Зголемување на имунитетот,
  • Подобрување на концентрацијата,
  • Подобар сон,
  • Намалување на стресот и нервната напнатост,
  • Забрзано заздравување после болест,
  • Затегање на кожата.

Touch Research Institute бил прв центар во светот посветен исклучиво на истражување на допирот и негова примена во науката и медицината. Овој Институт бил основан во 1992 година од неговиот директор Tiffany Field, Ph.D. професор на универзитетот во Мајами (University of Miami School of Medicine). Истакнатиот тим од научници, истражувачи од Touch Research Institute, кои ги претставуваат Duke, Harvard, Maryland и другите универзитети настојуваат што подобро да го дефинираат (утврдат) допирот како потпомагач во одржувањето и подорувањето на здравјето и како дополнителна корисна тераписка метода во третманот на болестите. Истражувачките напори, кои започнале уште во 1982 година и кои продолжиле до денес, покажале дека терапијата со допир има бројни корисни ефекти врз здравјето и општата состојба на организмот.

Научниците го испитувале ефектот на масажата врз растот и развојот на телото, врз намалувањето на стресот, болката и имунолошкиот систем.

Студија на Touch Research Institute за улогата на масажата кај пациентки со карцином на дојка

Една од студиите што ги споровеле научниците од Touch Research Institute е и студијата за улогата на масажата кај пациентки со карцином на дојка.

Во оваа студија доброволно учествувале 42 жени со карцином на дојка. Сите пациентки биле на онколошка терапија (радиотерапија и хемотерапија) најмалку три месеци. Терапијата со масажа траела 30 минути неделно, во тек на 5 недели и се состоела во масажа на главата, рамењата, вратот, нозете и стопалата. Пред и по терапијата на пациентките им била земена крв и мочка. Резултатите покажале дека општата состојба кај пациентките значително се подобрила, било зголемено нивото на макрофагите (клетки- природни борци против карциномот). Исто така, била намалена и депресијата, анксиозноста, бесот и лутината кај пациентките.

Сите овие испитувања го покажале позитивниот ефект на масажата во процесот на заздравувањето на телото, како и во јакнењето на имунолошкиот систем и овозможувањето на единство на духот, психата и телото.