Shiatsu масажа

Shiatsu масажа

Shiatsu е јапонска техника на масажа и во превод значи „притисок со прсти“. Основата на оваа техника на масажа се засновува на воспоставување на енергетска равнотежа со притискање на одредени точки во телото со прстите или дланките. Оваа техника е идеална за намалување на болката, а се користи и за намалување на хормоните кои предизвикуваат стрес. Во оваа терапија не се користат ароматични масла. Често во практиката се користи оваа техника на масажа.

Shiatsu терапијата се изведува со притискање на поедини точки на телото, масажа и истегнување на мускулите.

Shiatsu тераписката метода ја развиле Јапонските лекари поврзувајќи ги знаењата од древната кинеска и западната академска медицина. Лекувањето со притискање на одредени точки на телото започнало во Кина, каде околу 500 години пред Христос биле развиени првите акупресурни методи и техники.

Целите на shiatsu терапијата се: хармонизирање на животната енергија, јакнење на имунолошкиот систем и овозможување на единство на духот, психата и телото.

Кинеските акупресурни методи во 19 век стануваат познати во Јапан, каде се комбинираат со нивните домашни искуства на тоа поле и доминираат се до периодот кога Јапан се свртува кон западната, академска медицина. По повеќевековниот период во кој акупресурните методи служеле само за релаксација, јапонските лекари повторно се навраќаат на старите методи и ги поврзуваат со медицинските знаења, па на тој начин ја создаваат сперцифичната shiatsu акупресурна метода.

Во 1925 година, со отварањето на Институт во Јапан, shiatsu терапијата е и службено обелоденета, а во 70тите години почнала да се шири и во САД и Европа.

Shiatsu терапијата ги обединува акупресурата (притисок на специфичните точки на телото) масажата и истегнувањето на мускулите. Shiatsu методата има корени во древната кинеска медицина, а се темели на сознанието дека човечкото здравје зависи од висината и протокот на животната chi енергија низ меридијаните кои ја поврзуваат површината на телото и внатрешните органи. Ако е нивото на енергијата високо и нејзиниот проток не е попречен, човекот е здрав и добро се чувствува. Доколку нивото на енергија е ниско и протокот е блокиран, се пореметува психофизичкото здравје и човекот се чувствува лошо.

Shiatsu терапијата е ефикасна како во превенција на болните состојби, така и во отстранување на различни пореметувања и заболувања, со што ги намалува и нивните симптоми.

Намалувањето на нивото и блокирањето на енергијата се јавува како последица на негативните влијанија од околината (посебно од стресот) врз телото на човекот. Но, со притисок на акупресурните точки, клучните места на кои е можен пристап до меридијаните, може да се делува на нивото и протокот на енергијата од надвор. Така, тргнувајќи од симптомите кои сигнализираат пореметување во нивото и протокот на енергијата, со притискање на одредени акупресурни точки во организмот, се овозможува искористување на сопствените потенцијали за процесот на самозаздравувањето и го покачува нивото на енергијата и воспоставува повторно непречен проток на блокираната животна chi енергија. Со тоа се постигнува и животна равнотежа.

Shiatsu третман

Целите на Shiatsu третманот се: хармонизирање на животната енергија, активирање на телесните потенцијали за самооздравување, јакнење на имунолошкиот систем и способноста на организмот за регенерирање и постигнување на единство на духот, психата и телото.

За време на shiatsu третманот, пациентот лежи на под, на душек, облечен во лесна памучна облека. Пред третманот, искусниот терапевт разговара и го прегледува пациентот за да ја утврди неговата иницијална состојба. Потоа, освен со прстите, shiatsu терапевтот ги притиска акупресурните точки со своите дланки, лакти и колена, а понекогаш и со целото свое тело, а се служи и со масажа и со истегнување на мускулите.

По третманот, пациентот се чувствиува смирено, опуштено, хармонично и освежено. Во некои случаи, пред видливото подобрување на психофизичката состојба, пациентот може да почувствува лесен замор, главоболка или мачнина. Но, овие симптоми траат кратко време, а се препишуваат на ослободувањето на блокираната енергија во телото.

Стручната shiatsu терапија се препорачува и кај децата, но не се препорачува кај пациенти со тешки заболувања на срцето и крвните садови.

Ефекти од shiatsu терапијата

Првенствено, shiatsu терапијата го намалува стресот, го поттикнува доброто расположение, волјата за активен живот и внатрешното задоволство. Со овој третман се мобилизираат потенцијалите на телото за самооздравување, се забрзува процесот на обновување, како и процесот на елиминирање на отровите од телото. На тој начин го зајакнува имунолошкиот систем. Третманот позитивно делува на целиот организам, а посебно на нервниот систем, системот за варење, на мускулното, сврзното ткиво и зглобовите, како и на дишниот систем. Освен што го отстранува хроничниот стрес, а со тоа и влијае на намалувањето на болката, овој третман влијае и на психичката напнатост, анксиозност, пореметениот сон, несоницата и слично.

Shiatsu терапијата има и аналгетски ефект, а тоа значи дека ја намалува или отклонува болката од различно потекло.