Вакцинирање против одредени вирусни инфекции кои предизвикуваат рак

Вакцинирање против одредени вирусни инфекции кои предизвикуваат рак

Одредени видови на рак се јавуваат како последица на одредени вирусни инфекции.

Инфекцијата со HPV вирусот се смета како главен фактор на ризик за развој на карцином на грлото на матката.

HPV е изолиран во 99.7% од сите цервикални карциноми. Се смета дека овој вирус трансформирајќи ги клеточните протеини кои се енкодирани со вирусните гени Е6 и Е7 можат да ги блокираат продуктите на тумор-супресорните гени p53 i pRb во клетката и на тој начин да доведат до нејзина неконтролирана, абнормална делба.

HPV се класифицира во група на високоризични генотипови (HPV 16, 18, 31 i 45) и група на нискоризични генотипови (HPV 6 i 11).

HPV 16 предизвикува околу 50%, а HPV 16 и 18, околу 70% од сите цервикални карциноми. Помеѓу 18 и 24 годишна возраст, со високоризичните HPV типови се инфицирани 8-12% од жените, а по 35 годишна возрат, 2-5%.

HPV инфекцијата на грлото на матката, која се пренесува по сексуален пат, најчесто е во субклиничка форма, и е присутна кај 7-17% од женската популација. Оваа инфекција има улога на промотор во канцерогенезата.

Во Јуни 2006 година во САД беше одобрена првата вакцина против ХПВ. Вакцината е позната под називот Gardasil вакцина. Во клиничките испитувања, вакцината се покажа како многу ефикасна во спречување на инфекција со два типа ХПВ вируси од групата со висок ризик, ХПВ 16 и ХПВ 18. Овие вируси се одговорни за 70% од случаите рак на грлото на матката предизвикани од ХПВ. Вакцината исто така заштитува и од инфекција со ХПВ тип 6 и 11, кои предизвикуваат приближно 90% од гениталните брадавици.

ХПВ вакцината е рекомбинантна вакцина, што значи дека во себе не содржи живи вируси. Вирусот во вакцината е протеин добиен со генетски инжењеринг и не може да предизвика ХПВ инфекција. Се дава во серија од три инјекции во мускул во тек на шест месечен период.

Во САД вакцината рутински им се дава на девојчињата на возраст помеѓу 11 и 12 години. Сепак, вакцината може да им се даде и на девојчиња на 9 годишна возраст во соработка со матичниот гинеколог.

Најдобро е ХПВ вакцината да се дава пред девојката да стане сексуално активна.

Иако жените кои не биле претходно изложени на ХПВ имаат потполна корист од вакцината, се покажало дека од вакцината имаат корист и жените кои веќе претходно биле сексуално активни и притоа биле изложени на ХПВ. Од тие причини се препорачува жените на возраст меѓу 13 и 26 години исто така да се вакцинираат.

Жените кои примиле вакцина треба да продолжат да се придржуваат кон редовните гинеколошки прегледи и ПАПА тестови. Вакцината не заштитува од останатите полово преносливи болести па жените мораат да се придржуваат кон вообичаените мерки за заштита од овие болести.

Вакцините ја спречуваат, но не ја лекуваат инфекцијата со ХПВ вирусот.

Хепатитот Б е сериозно заразно заболување, кое може да доведе до тешки оштетувања на црниот дроб и развој на цироза и рак на црниот дроб. Предизвикано е од вирусот на хепатит Б.

Хепатитис Б може да се превенира со сигурна и ефективна вакцина.

Постои вакцина против хепатит Б. Една од индикациите за давање на оваа вакцина е на сексуални партнери на луѓе кои биле заразени со вирусот.

Како превенција на хепатитот Б е практикување на безбеден секс, со правилна употреба на кондоми. Тоа го минимизира ризикот од инфекција преку сексуален однос, а со тоа и се намалува ризикот за развој на рак на црниот дроб.