Здрави животни навики

Здрави животни навики

Престанок на пушење

Пушењето е главен фактор на ризик за настанување на ракот на белите дробови, на ракот на усната шуплина, на грлото, на голтникот, на мочниот меур и на многу други карциноми.

Пушењето е главен фактор на ризик за настанување на белодробен карцином. Околу 90% од белодробните карциноми кај мажите и околу 83% кај жените, се оценети дека се предизвикани од тутуновиот дим, било да е тој внесен активно, преку пушење или пасивно, преку престојување во простории каде се пуши (пасивни пушачи).

Пушачите на цигари заболуваат 25 до 30 пати почесто во споредба со непушачите.

Затоа, како превенција на ракот се препорачува да не се пуши или да се престане со пушење, како и да се избегнуваат простории во кои се пуши (да се избегнува изложување на пасивно пушење).

Умерено консумирање на алкохол

Ризикот за развој на многу малигни заболувања се зголемува со прекумерното консумирање на алкохол. Затоа како превенција за многу видови на карциноми се препорачува да не се консумираат јаки алкохолни напитоци или тие умерено да се консумираат.

Прекумерно консумирање на алкохол значи консумирање на повеќе од два алкохолни пијалока дневно за мажите, и повеќе од еден алкохолен пијалок за жените (чаша вино, пола литро пиво или 0,3 dcl јак алкохол).

Екстензивното консумирање на јак алкохол е фактор на ризик за настанување на малигни тумори на усната празнина и голтникот. Посебно голем ризик да заболат од ова малигно заболување имаат лица кои и пушат и консумираат големи количини на алкохол. Алкохолот е дополнителен фактор кој го зголемува ризикот кај пушачите. Познато е дека алкохолот предизвикува недостаток на витамин Б и железо, кои се важни за здравјето на човекот.

Екстензивното консумирање на јак алкохол е фактор на ризик и за настанување на ракот на гркланот. Посебно голем ризик да заболат од рак на грклан имаат лицата кои и пушат и консумираат големи количини на алкохол. Посебно алкохолот е ризик фактор во развивањето на карциномите во супраглотичната регија на гркланот.

Ексцесивното консумирање на алкохол е главен ризик фактор за развој на планоцелуларниот карцином на хранопроводникот, но не е докажан и потврден ризик фактор за аденокарциномот на хранопроводникот.

Кога преголемото консумирање на алкохол ќе се комбинира со пушењето, ризикот за настанување на планоцелуларниот карцином на хранопроводникот се зголемува експоненцијално.

Прекумерното консумирање на алкохолот доведува до цироза на црниот дроб, а цирозата е еден од главните фактори на ризик за рак на црниот дроб. Околу 5% од лицата со цироза, ќе оболат од рак на црниот дроб.

Избегнување на професионална изложеност на канцерогени агенси

Изложувањето на многубројни индустриски агенси (никел, хром, азбест, винил-хлорид и други) го зголемува ризикот за развој на повеќе видови на рак.

Pott во 1775 година прв забележал голема зачестеност на рак на кожата на скротумот кај оџачарите и укажал на можната врска со работата која ја вршат. Тој ги навел саѓите како можна причина за туморите на скротумот кај оџачарите.

Потоа, како канцерогено средство се откриени катранот и смолата и нивните деривати, и минералните масла. Овие агенси предизвикуваат голема зачестеност на ракот на кожата кај ткајачи и механичари кои користат алат подмачкан со минеарални масла кои содржат ароматичен јаглено-водород.

Долго време е познат кожниот карцином предизвикан од арсен. Туморот е обично мултипен. Покрај рударите на арсен и бакар, професионално се изложени и лозарите кои употребуваат арсенски соединенија.

Професионална изложеност на хемиски и индустриски супстанции (азбест, нафтени деривати и друго), изложеност на радон, хром, ураниум, никел и други, го зголемуваат ризикот за појава на мекоткивни саркоми.

Изложеноста на хемиски канцерогени, како што се: винил хлорид, инсектициди базирани на арсен, хербициди и хлорфеноли, во некои студии, е асоцирана со 6 пати поголема инциденца на мекоткивни саркоми.

Утврдено е дека бројот на заболени од рак на гркланот е поголем во индустриски развиените земји и во големите градови, отколку во руралните средини. Причина за тоа е аерозагаденоста. Загадениот воздух содржи во себе многу канцерогени супстанции, кои со дишењето се внесуваат во дишните патишта.

Исто така, опишани се и други фактори на ризик како што се: професионална изложеност на хемиски и индустриски супстанции (азбест, нафтени деривати, смола, органски растворувачи, индустриска прашина и друго), изложеност на рударите во рудниците со јагленова прашина, хром, ураниум, никел и друго.

Од средствата кои се користат во производството на анилински бои, како канцерогени за мочниот меур се: бензитин, бета-нафтиламин и 4-аминодифенил. На овие канцерогени агенси се изложени работниците во индустријата за гумени производи, работниците во производството на кабли обвиткани со гума, во индустријата за плин и лица кои работат во одржувањето на инсталациите

Кај професионално изложените работници, карциномот на мочниот меур се развива на средна возраст од 45 години, додека кај преостанатата неизложена популација на средна возраст од 55 години.

Малигните тумори предизвикани на мочните патишта од ароматските амини се папиломи и карциноми, кои често се со мултнипна локализација.

Работниците кои се изложени на соединенијата на хром, главно хроматин и дихроматин, заболуват 15-30 пати почесто од карцином на белите дробови во споредба со останатото население.

Изложувањето на азбест е сигнификантен фактор на ризик за одреден тип на белодробен карцином т.н. мезотелиом, кој започнува во плеврата (белодробната обвивка). Работниците кои се изложени на делувањето на азбестот и кои се пушачи го зголемуваат својот ризик за добивање на белодробен карцином дури за 50 до 100 пати.

Долгорочното вдишување на бензол предизвикува токсични последици на коскената срцевина, предизвикувајќи анемија, панцитопенија (пад на сите крвни зрнца во крвта) и акутна леукемија.

Зачестеноста на леукемијата кај работниците изложени на бензол е 20 пати поголема во споредба со преостанатото население. Бензолската леукемија, обично е акутна, често леукопенична и придружена со мало зголемување на слезенката.

Апластичната анемија и леукемијата се јавуваат кај личности кои се изложни на бенозол, а таа може да се појави и многу години по престанокот на изложеноста.

Здрави сексуални навики

Сексуално преносливите болести се важен фактор на ризик за развој на рак на гениталните органи и кај жените и кај мажите. ХПВ инфекцијата се поврзува со ракот на грлото и телото на матката, со ракот на вагината и вулвата кај жените, како и со ракот на пенисот и анусот кај мажите.

Утврдено е дека сексуално преносливите болести се почести кај лицата кои имат повеќе сексуални партнери. Утврдено е дека лицата кои почесто ги менуваат своите сексуални партнери имаат значително поголем ризик да бидат заразени со ХПВ вирусот, но и со други сексуално преносливи вируси. Лица кои имаат еден сексуален партнер имаат многу помал ризик од инфекција со ХПВ вирус.

Исто така, ризикот за сексуално преносливи болести е зголемен кај лица кои имаат сексуални односи со високо ризични партнери. Оние лица кои имаат сексуални односи со лица кои често ги менуваат своите сексуални партнери или кои се заразени со ХПВ вирусот, имаат поголем ризик да се заразат со ХПВ вирусот. Во тие случаи обавезно се препорачува користење на презерватив при сексуалниот однос, иако и тие не даваат целосна заштита од инфекцијата.

Според тоа, за превенција на сексуално преносливите болести, а со тоа и за превенција на некои видови на рак, кои се поврзани со овие инфекции, треба да се води сметка за здравите сексуални навики. Треба да се избегнува сексуален однос со заразено лице, да се намали бројот на сексуални партнери, да се користи заштита при сексуален однос (употреба на кондоми).