Вистинска приказна на пациент излечен од рак на простата

Вистинска приказна на пациент излечен од рак на простата

Роден сум во Скопје, каде што живеам и работам. Сé до мојата 62 година од животот немав проблеми со здравјето. Но, постепено почнав да имам проблеми со мочањето. Во почетокот тоа беше само почесто мочање, посебно ноќе, па морав да станувам неколку пати во текот на ноќта. Потоа, мочањето ми стана почесто и во текот на денот, а млазот на мочта стана послаб.

Имав тешкотии со започнувањето на мочање и имав чувство како да не сум се домочал. Сето ова ме натера да се јавам на лекар.

Бев упатен на Клиниката за урологија во Скопје, каде беа направени потребните испитувања. Првите испитувања беа: преглед на простатата преку чмарот и испитување на ПСА во крвта. ПСА ми беше 11нг/мл. Тоа го наведе мојот уролог да се посомнева за тумор на простатата и предложи дополнителни испитувања.

Бев упатен на ехотомографски преглед на простатата, при кој се виде тумор во жлездата. Беше предложена биопсија од туморот. По направената биопсија, наодот од патологот покажа дека се работи за аденокарцином на простатата, за Т1 тумор, а Глисоновиот збир ми беше 6.

Потоа направив компјутерска томографија на абдоменот, рендгенска снимка на белите дробови и скен на коските. За среќа, испитувањата покажаа дека болеста не се проширила.

По поставената дијагноза, урологот ми ги објасни двете можности за терапија. Требаше да одлучам дали ке направам операција, или пак, ќе одберам зрачење и хормонска терапија. Ми беше посочено дека и двете терапии даваат скоро исти резултати. Јас се одлучив за зрачна и хормонска терапија.

Бев упатен на Институтот за радиотерапија и онкологија. Мојот онколог ми објасни се за терапијата која што требаше да ја примам. Разговаравме повеќе од половина час и по разговорот веќе ми беше јасно како се изведува зрачната и хормонската терапија и кои проблеми може да ми се јават од неа. Тој разговор многу ми помогна да можам полесно да ја поднесам терапијата.

Во почеток примав три месеци хормонска терапија, а потоа започна зрачната терапија. Хормонската терапија одеше напоредно со зрачењето и траеше вкупно 6 месеци. По примањето на 2 циклуси на хемотерапија, нивото на ПСА во крвта ми се нормализира.

Зрачењето добро го поднесов. При крајот на третманот имав повремени проливи и печење при мочањето, но мојата докторка ми објасни дека тоа се нормални последици од зрачењето и дека со завршувањето на зрачењето, тие постепено ќе поминат. За време на зрачењето внимавав на исхраната, јадев лесна и варена храна, па и проливот се изгуби.

По завршувањето на зрачењето и хормонската терапија, ПСА во крвта ми беше 0.04нг/мл.

Од терапијата поминаа 4 години, јас се чувствувам добро. Одам на редовни контроли, на секои 3 месеци, кај мојот онколог. ПСА во крвта е во нормални вредности, а ехото на простатата е уредно.

Во почетокот, кога дознав дека имам рак на простата, бев преплашен и мислев дека е готово со мене. Онкологот ме убедуваше дека ракот на простатата во мојот стадиум може комплетно да се излекува. И навистина беше во право.