Внимавајте со употребата на нестероидните аналгетици! Дознајте кои се најчести несакани ефекти!
Нестероидните антиинфламаторни лекови се користат во третман на лесна до умерена болка.
Нестероидните антиинфламаторни лекови-аналгетици (НАИЛ) се поширока група на лекови со различен механизам на дејствување, а меѓусебе се разликуваат по применетата аналгетска доза. За сите нив заедничка карактеристика е дека со наголемувањето на дозата до одредено ниво, пропорционално се зголемува и аналгетскиот ефект. Кога ќе се надмине таа доза , тогаш, секое нејзино зголемување предизвикува само зголемување на токсичните ефекти, без соодветно зголемување на аналгезијата.
Овие лекови не доведуваат до појава на зависност и можат да се набавуваат слободно во аптеките без препишан рецепт од лекар. Но, поради своите потенцијално јако изразени гастроинтестинални и кардиоваскуларни несакани ефекти, овие лекови треба да се употребуваат според упатите за нивна примена и дозирање. Најдобро е да се консултира докторот за нивната примена, иако може да се набават и слободно, без рецепт.
Оваа група на лекови може да даде повеќе несакани ефекти кои може да бидат и многу опасни и да доведат до загрозување на животот на пациентот. Посебно тие се почести и појако изразени при нивна долготрајна употреба или кога се употребуваат во поголеми дози од препишаните.
Најчести несакани ефекти од нестероидните аналгетици се:
- диспепсија (болка, киселини во стомакот)
- езофагит (воспаление на хранопроводникот)
- езофагеални стриктури (стеснувања)
- гастрит (воспаление на желудникот)
- гастрични и дуоденални петехии (мали крварења), ерозии, улцерации (улкус), крварење и перфорација (прскање на sидот на желудникот или дуоденумот)
- улцерации, крварење и перфорација на тенкото и дебелото црево
- активирање на хроничните инфламаторни болести на дебелото црево
- локални промени
Механизмите на штетното делување на НСАИЛ врз желудникот и дуоденумот (дванаестопрстно црево):
- ослабување на слузната бариера,
- намалена секреција на бикарбонати,
- намалена секреција на слуз,
- дезинхибиција на секрецијата на HCl,
- поспоро обновување на клетките на слузницата на желудникот,
- оштетување на циркулацијата,
- намален проток на крв во желудечната слузница,
- намалена агрегација на тромбоцитите.