Ароматерапија

Ароматерапија – мирисите позитивно влијаат на човекот

Со вдишувањето на ароматичните масла може да се ублажи стравот, загриженоста, напнатоста, стресот, болката, да се подобри памтењето и концентрацијата.

Иако обично се ослонуваме на она што ќе го видиме и чуеме, мирисите имаат важна улога во нашиот живот. Мирисните екстракти од растенијата (етеричните масла) низ векови, па и денес, се користат за лековити цели. Така, додека лавандата релаксира и смирува, еукалиптусот го бистри умот и дава енергија.

Мирисите влијаат на човекот

Во последно време и научно е докажано тоа што луѓето оддавна го знаеле, а тоа е дека мирисите имаат големо влијание на телото и психата на човекот. Така, мирисот на лавандата не успива, мирисот на лимонот не разбудува, мирисот на циметот не прави креативни, ружата не смирува, а ванилата не охрабрува. Неверојатно, но вистинито е дека со вдишување на природно ароматично масло можеме да се ослободиме и значително да ги ублажиме негативните емоции, стресот, стравот, лутината, тагата, депресијата, болката, а да истовремено ги поттикнеме позитивните емоции како што се радоста, задоволството и расположението.

Ароматерапијата е древна вештина на примена на етерични масла на различни начини за релаксација, превенција и лекување. Датира од настарите цивилизации. Дури 4500 години пред Христос, старите Египќани ги користеле во лекување на широк спектар на болести.

Етеричните масла се добиваат со дестилација, процес кој бил пронајден уште пред 2500 години во Индија. Човекот тогаш пронашол како од растенијата да ја земе суштината-душата и мирисот. Процесот на дестилацијата е прилично едноставен. Растенијата (листовите, гранчињата, коренот, смолата) се затвораат во сад под кој се пали оган. Со загревањето на садот се создава пареа која со себе ќе ги земе и активните соединенија и мирисите во цевчињата за ладење. Во нив доаѓа до кондензација и претворање на пареата во смеса од вода и етерични масла кои пливаат на нејзината површина. Така, на едната страна се одвојува водата, а на другата етеричното масло.

За добивање на неколку капки етерично масло потребна е голема количина на растителен материјал. Старите цивилизации знаеле дека е тоа суштината на растенијата и знаеле да ги ценат тие неколку капки.

Со оглед дека претставуваат јаки концентрати од растенијата, тие треба многу внимателно да се применуваат. Тие не се користат како концентрирани масла, туку се разблажуваат со други неутрални масла како бадемово и други. Во спротивно тие може да доведат до несакани последици како: изгореници, алергиски реакции, мачнина, вртоглавица, па дури и труење.

Ароматерапијата (од грчките зборови: aroma – мирис, therapeia – лекување) е позната уште од давни времиња.

Буквално ароматерапија значи лекување со мириси. Се вбројува во алтернативна медицина.

По својата природа е холистичка и комплементарна метода на лекување.

Ароматерапијата е комплементарна, бидејќи се надополнува со другите алтернативни гранки на медицината, па дури и со конвенционалните.

Холистичка, бидејќи го разгледува човекот како една целина т.е. како физичка, духовна, ментална и емотивна индивидуа. При тоа го зема во предвид и стилот на живеење, начинот на исхраната, општествениот живот итн. Делува на отстранувањето на причините за неравнотежата во организмот, па се користи како превентивна метода за одржување на здравјето и равнотежата на целото тело и духот, но и за лекување. Аромотерапијата може да се користи во домот, на одмор, на пат. Таа го релаксира телото, го смирува духот, односно делува на намалувањето на стресот и болката.

Ароматерапијата е една од најпопуларните форми на неконвенционалната медицина, Во Европа, САД, Канада, Австралија и Јапан постојат на илјадници кабинети за ароматерапија, а за неа се напишани и многу книги и се издадени бројни часописи кои се занимаваат исклучиво со оваа проблематика. Влијанието на мирисите на психичката и физичката состојба на човекот се поврзува со лековитите својства на етеричните масла.

Ароматерапијата е идеално чиста, потполно природна метода за ублажување или отстранување на различни тегоби. Се темели на внесување на висококвалитетни растителни масла во човековиот организам. Денешните испитувања, кои се направени во светот, ја потврдуваат ефикасноста на етеричните масла. Тие се во одредена мерка и бактерицидни, а некои помагаат и во лекување на вирусните инфекции. Многу етерични масла го стимулираат обновувањето и растот на клетките и ја регулираат физичката и психичката равнотежа. Многу етерични масла го намалуваат стресот и го подобруваат крвотокот, па делуваат и на намалувањето на болката.

Маслата со својата способност да ги регенерираат ткивата можат да ја зголемат намалената отпорност на организмот.

Со помош на ароматераписките методи, етеричните масла брзо продираат во крвотокот, преку кој се разнесуваат до сите делови на телото. Тие ја враќаат хармонијата и поволно делуваат на органите и системите на кои им е пореметена функционалната равнотежа. Не постои етерично масло кое делува само на една болест или на еден тип на тегоби. Најдобар пример за тоа е лаванда маслото кое покрај тоа што е антисептик, делува и на намалуавањето на заморот и депресијата, го подобрува расположението, а на тој начин делува и на намалувањето на хроничната болка.

Ароматераписки методи – како се користи аромотерапијата

Како се користи аромотерапијата

Постојат бројни начини на користење на есенцијалните масла поради нивните лековити својства. Во ароматерапијата, етеричните масла се внесуваат во организмот на два начина: со вдишување и преку кожата.

Главниот критериум за избор на етеричното масло и припремање на мешавината за лечење е да лицето на кое е тоа наменето го сака тој мирис. Постојат видови на масла со исти или слични терапевтски својства, па не е тешко да се направи смеса која ќе мириса пријатно за секој пациент одделно, а истовремено и ќе лечи.

Бидејќи ароматичните масла се концентрирани, тие никако не смеат да се ставаат директно на кожата. Тие се обично раствараат во т.н. неутрални масла или т.н. подлоги. Освен што ги разредуваат етеричните масла, овие неутрални масла добро делуваат на кожата. Како универзални подлоги можат да послужат маслиновото масло (за нормална и сува кожа) и сончогледовото масло (за масна кожа).

За сува и нормална кожа како подлога се препорачува и масло од пшенични клици, авокадово и лешниково масло, а за масна кожа се препорачува бадемово масло, како и масло од семки од грозје или праска.

Саканата смеса најлесно се припрема ако се земе шишенце од 10мл со капалка, во кое може да се помешаат на пример, 10 капки од секое избрано ароматично масло. Обично не треба да се мешаат повеќе од 5 различни ароматични масла. Оваа смеса може да се користи за купки, масажа, инхалација или облоги. Не треба да се употребат повеќе од 10 капки од смесата, бидејќи кај ароматерапијата не важи изреката „од повеќе, глава не боли“.

Ароматична купка (купка за цело тело)

Помага при болки во мускулите и зглобовите, при пореметена циркулација, замор и несоница, при стрес и депресија.

Кога ќе се наполни кадата, се додаваат 10-16 капки од смесата на етерични масла. Најдобро е да не се користи сапун, туку само ароматично масло. Купките се многу корисни, бидејќи не само што преку кожата се апсорбираат маслата, туку и истовремено се инхалираат (вдишуваат). Во кадата се останува најмалку 15 минути.

Jacuzzi: Во водата на џакузито се додаваат 3-6 капки и се останува најмалку 15 минути.

Туширање: Се нанесуваат 4-6 капки на ароматично масло на ракавицата за туширање и силно се трие телото после туширањето.

Аромакомпресија (облоги)

Со аромакомпресијата се ублажуваат болките во мускуите и зглобовите. Во сад со топла или ладна вода се додаваат 6 капки на есенцијално масло. Газата натопена во таа течност се става на делот на телото каде се чувствува болка. Топлите облоги се користат кај мускулните болки или грчеви, додека, пак, ладните облоги се користат често за намалување на отоци и при главоболки. Облогите се оставаат да делуваат 1-2 часа.

Инхалации

Инхалациите се добар начин на примена на етеричните масла за сите болести, но не се препорачуваат кај пациенти со астма или со други болести кои се поврзани со тешкотии во дишењето.

Инхалацијата е едноставен начин на користење на есенцијалните масла. Може едноставно да се изведе само со отворање на капачето од шишенцето и длабоко вдишување на мирисот. Ова е многу ефикасен начин и може да се применува било кога и било каде.

Инхалацијата може да се спроведува и со помош на арома испарувач. Тој има мал резервоар кој се полни со вода и се загрева со извор на топлина. Со додавање на 6-10 капки на ароматично масло во водата во резервоарот на арома испарувачот, ароматичните испарувања се шират во просторијата како што водата се загрева. Природен освежувач во просторијата во која се работи или престојува може да се направи кога во 4 дл. вода ќе се додадат 50 капки ароматично масло и ќе се стави во флашичка со распрснувач. Потоа се прска во просторијата. Ова многу пријатно влијае на расположението и доведува до намалување на стресот и болката.

Масажа

Масажата со етерични масла се користи за балансирање на емоциите и здравјето во целина. Аромотерапевтите напоменуваат дека сите етерични масла се антисептични и со тоа и го заштитуваат организмот од болести.

Масажата е најважна постапка во ароматерапијата. Таа е најефикасна и најбрзо доведува до позитивни резулати. При масажата доаѓа до делумно продирање на етеричното масло во кожата и телото и по пат на крвните и лимфни садови навлегува во сите делови на организмот. Контактот на ароматичните масла со нервните завршетоци во кожата предизвикува моментална реакција која доведува до физичка, но и до психичка релаксација.

Маслото за масажа се припрема така што во 10 мл на подлога (неутрално масло) се ставаат 5 капки од избраното етерично масло или смеса од повеќе ароматични масла (но не повеќе од 5 различни масла).

На пазарот постојат повеќе синтетски масла. Нивната примена е застапена и во производството на парфеми. Во ароматерапијата тие се избегнуваат и се тежнее да се користат потполно природни масла, иако нивната цена на пазарот е обично поголема.

Преглед на етеричните масла групирани според основните терапевтски својства

  • Намалување на болка предизвикуваат: бергамот, џумбир, лаванда, мајоран, мелиса, римска камилица и рузмарин.
  • Антидепресивно дејство имаат: бергамот, камилица, иванско цвеќе, гераниум, јасмин, лаванда, мелиса, дероли, ружино дрво, кедар, јиланг-јиланг, сандал, портокал.
  • Антивоспалително делуваат: бергамот, камилица, еукалиптус, мелиса, мента, иванско цвеќе, сандал.
  • Антисептици се: сите ароматични масла, во помала или поголема мерка делуваат антисептички. Сепак најефикасни се: бергамот, еукалиптус, боровница, лаванда, рузмарин, сандал, цимет.
  • Бактериостатски ефект имаат: баргамот, еукалиптус, боровница, лаванда, рузмарин.
  • Антивирусно делување имаат: лимон, лаванда, гераниум, бибер и еукалиптус.
  • Фунгицидно дејство (за лекување на габични заболувања) имаат: лаванда, мирта, гераниум, лимон.
  • Заврзано заздравување на рани: бергамот, камилица, лаванда, мирта и чајевац.
  • Дуиретици: камилица, кедар, чемпрес, темјан, гераниум, боровница, рузмарин, сандал, бергамот.
  • Подобрување на варењето: бибер, нероли, џумбир, боровница, лаванда, лимон, мандарина, мајоран, нане, камилица, рузмарин.
  • Седативно (смирувачко) дејство: камилица, лаванда, нероли, мајоран, јиланг-јиланг, чемпрес, боровница, бергамот, темјан, мелиса, рузмарин, иванско цвеќе, нерли и сандал.
  • На снижување на крвниот притисок делуваат: лимон, лаванда, мајоран, мелиса, иванско цвеќе, јиланг-јиланг.
  • На покачување на крвниот притисок делуваат: рузмарин, иванско цвеќе, изоп.
  • Равнотежата на хормоните ја регулираат: нероли, иванско цвеќе, чемпрес, лаванда, лимон, бор, камилица, сандал, гераниум.
  • Регенерацијата ја поттикнуваат повеќето ароматични масла, а особено: лаванда, мирта и темјан.
  • Тонизирачки делуваат (го зајакнуваат организмот или некои негови органи): босилок, бибер, камилица, темјан, гераниум, боровница, лаванда, мајоран, мирта, мелиса, нероли.
  • Стимулативно дејство (ја зголемуваат општата активност на организмот или на поедини органи): бибер, еукалиптус, гераниум, мента, рузмарин, нероли, џумбир, мелиса, камилица, јиланг-јиланг.
  • Ја намалуваат телесната температура: бергамонт, камилица, еукалиптус, мелиса, чаевец и мента.
  • Ја смируваат кашлицата: сандал, лаванда, темјан, бор, елка, гераниум.
  • Го зајакнуват нервниот систем: камилица, лаванда, мајоран, мелиса, румарин и изоп.
  • Го зајакнуваат имунитетот: лавнда, чаевец и повеќето други ароматични масла.
  • Ја зголемуваат мисловната активност: босилок, рузмарин, мента, лимон и бергамонт.