Thai масажа
Тоа е Тајландска масажа, која се применувала во Тајланд уште пред 2000 години. Таи масажата е позната и како таи-јога масажа. Се користи за ослободување на блокираната енергија и за воспоставување на равнотежа и хармонија во телото. Таа е практично комбинација на типичната западна масажа и лесно истегнување. Тоа е всушност пасивна јога, односно, комбинација на масажа со јога. При изведувањето на таи масажата од голема важност е и правилното дишење. Таи масажа техниката го зајакнува телото и ја зголемува флексибилноста.
Оваа техника на масажа се засновува на внимателно дозирани притисоци на енергерските точки кои ги пратат т.н. Sen Sib линии на човечкото тело и зафати со кои се истегнуваат поедини делови на телото. Целта е пред се да се отстранат енергетските блокови и да се зголеми протокот на енергија.
Sen Sib се важни линии на телото за таи масажа терапијата. Се верува дека има 72 000 Sen линии во нашето тело, но се издвојуваат само 10 главни линии.
Видови на традиционалната тајландска масажа
Се разликуваат два основни вида на традиционална тајландска масажа: народна и кралска. Освен ваквата поделба, често може да се слушне и поделба на таи масажата на северен и јужен стил. Северниот стил е нешто помалку агресивен од јужниот, а со тоа е и посигурен и поприфатлив од западните земји.
Народната тајландска масажа се карактеризира со користење на сите делови од телото на масерот. Се користат прстите, целата дланка, подлактицата, лактот, колената, стопалата како и тежината на телото на масерот. Се користат сите положби на телото на пациентот: на грб, на стомак, на страна, во седечка положба. Нејзината основна карактеристика е поблискиот контакт со клиентот отколку што е тоа сличај кај кралската масажа.
Кај кралската таи масажа, масерот ја користи само шаката и е на максимална одалеченост од клиентот и не го масира клиентот кога е тој во положба на стомак.
Кај овој вид на масажа не се спроведува ниту истегнување. Оваа врста на таи масажа се применувала кај членовите на кралските семејства, од каде што и потекнува нејзиното име.
Оваа врста на таи масажа е посебно погодна за тешки пациенти, како и кај пациенти со малигни заболувања, кај кои не смее да се прават нагли и интензивни истегнувања и движења.
Принципи за изведување на таи масажата
Таи масажата не е за секој. Како и кај секој друг вид на масажа, така и кај таи масажата потребно е прво да се провери дали постојат некои здравствени контраиндикации за изведувањето на масажата, посебно за некои агресивни движења на истегнување. Така, кај пациенти со малигни заболувања, кои имаат и коскени метастази, не се препорачуваат агресивни истегнувања, бидејќи тие може да доведат до скршеници на местата на постоечките метастази, а со тоа да доведат до влошување на состојбата на пациентот и засилување на веќе постоечката хронична болка. Затоа, кај овие пациенти се препорачува кралската таи масажа, во која нема истегнување. Масерот секогаш го усогласува дишењето на клиентот со движењата кои ги прави, како и со своето дишење. Со оглед дека таи масажата се базира на акупресурни точки, промената на притисокот од точка на точка треба да тече поврзано, без непотребни прекини. Важно е да клиентот дава повратни информации за масажата, посебно за јачината на притисокот. Притисокот не смее да предизвикува болка.
Ефектите од тадиционалната тајланска масажа
Таи масажата има ефекти врз повеќе системи во телото. Така, првенствено делува на крвотокот. Таи масажата ја подобрува циркулацијата и го загрева телото. Масираната регија станува подобро прокрвена со што се постигнува и подобар транспорт на хранливите материи во клетките и подобро ослободувањето на отровните материи од организмот.
Таи масажата доведува до релаксација, а со тоа и до нормализирање на срцевата активност.
Таи масажата делува и на мускулниот систем. Таа ја намалува мускулната напнатост, ги отпушта затегнатите тетиви и ја подобрува еластичноста на мускулите.
На нервниот систем делува смирувачки и на тој начин доведува до намалување или отстранување на стресот кај пациентот.
Со оглед да за време на изведувањето на масажата пациентот дише длабоко за време на истегнувањата, масажата делува и на подобрување на перисталтиката на цревата, па на тој начин и влијае на подобрување на работата на системот за варење како резултат на масажата на стомакот.
Контраинидикации за изведување на таи масажа
Како и секоја друга техника на масажа, така и таи масажата има свои контраиндикации и ограничувања, кои треба да се почитуваат. Тоа е многу битно, бидејќи во спротивно, може само да му се наштети на пациентот и да дојде до влошување на неговата состојба. Како и кај сите техники на масажа, така и кај таи техниката како контраиндикации се сметаат:
- покачена телесна температура,
- акутни повреди,
- воспалителни заболувања на мускулите,
- фрактури на коските.
Посебно внимание треба да се посвети кај пациентите со некои хронични заболувања, како што се: шеќерна болест, срцеви заболувања, висок крвен притисок, како и кај малигните заболувања. Затоа кај пациентие со малигни заболувања треба да се внимава да не се спроведуваат агресивни движења на истегнување. Кај нив се препорачува кралскиот вид на таи масажа, кој е помалку агресивен и кај кој нема истегнувања. Кај секој вид на масажа, а посебно кај таи масажата, правило број еден е да масажата се прилагоди на психофизичката состојба на пациентот. Никогаш не треба да се применува притисок и положби на телото кои предизвикуваат болка или непријатно чувство. Според тоа, оваа масажа треба да ја изведува искусен масер, кој ќе може индивидуално да ја прилагоди масажата за секој пациент одделно.