Брусницата како превенција од карцином на дебело црево
Автор: Д-р Дарко Стојановски
Според клеточните студии направени во Канада, екстрактот од брусница може да го превенира карциномот на дебелото црево преку анти-воспалителен механизам.
Како што наведуваат во Journal of the Science of Food and Agriculture, Richard Narayansingh и Robert Hurta од University of Prince Edward Island, маслениот екстракт од брусница, како и кверцетинот, кој е еден од главните флавоноиди од брусницата, може да ги намали воспалителните процеси поврзани со карциномот на дебелото црево.
„Нашите резултати се првите што сугерираат дека можниот механизам вклучен во антикарциномската активност на маслениот екстракт на брусницата и кверцетинот е делумно овозможен преку неговото против-воспалително дејство”, пишуваат Naravansingh и Hurta.
Колоректалниот карцином е третиот најчесто дијагностициран карцином во САД, според American Cancer Society. Околу 150 000 нови случаи се дијагностицираат годишно во САД (со однос мажи : жени речиси 50-50).
Истражувачите од Канада извршиле лабораториска студија употребувајќи човечки клетки од аденокарцином на дебелото црево тип HT-29 кои ги третирале со различни дози на маслен екстракт од брусница или кверцетин. Експресијата на циклооксигеназа-2 (COX-2), ензим кој е поврзан со воспалителниот процес, била мерена последователно, заедно со останатите материи.
Narayansingh i Hurta покажуваат дека и екстрактот од брусница и кверцетинот ја намалуваат експресијата на COX-2. Уште повеќе, истражувачите забележале намалување на експресијата на COX-2 во клетките стимулирани со комбинација која го промовира растот на туморите.
„Овие откритија се важни бидејќи тие демонстрираат дека F-kB сигнализирачките патишта покажуваат можна поврзаност помеѓу воспалението и карциномот, и дека против-воспалителните карактеристики на маслениот екстракт од брусницата или кверцетинот можат да бидат употребени за се изменат овие патишта”, пишуваат истражувачите. „Идните студии на in vivo модели на карцином на дебелото црево треба да се извршат во скора иднина”, заклучуваат тие.