Кантарион (Hipericum perforatum L.)

Кантарион (Hipericum perforatum L.)

Кантарионот (Hipericum perforatum L.) е повеќегодишна билка со жолти цветови која расте насекаде низ ливадите и планинските падини на европскиот континент и е исто така присутна на нашето поднебје.

Кантарионот содржи многубројни лековити состојки: етерични масла, јагленохидрати, белковини, пектинска и миристинска киселина, витамин Ц, танини (9-11%), смола, антоцијанини, хиперфорин и хиперицин кои му ја даваат црвената боја на неговиот сок, каротен, биофлавоноиди, холин, фитосерин и трагови од алкалоиди.

Кантарионот содржи и мелатонин, хормон кој се лачи во организмот при заспивање и е потребен за одржување на сонот (на овој начин кантарионот делува против несоница и помага за опуштање на организмот и емоционална добросостојба).

Оваа медицинска билка е позната по своите антибактериски, антивирални, антипаразитни, антивоспалителни и аналгетски дејства.

При внатрешна употреба, кантарионот делува на слузокожата на желудникот и помага во секрецијата на желудочниот сок и го олеснува варењето на храната.Тој исто така помага при стомачни грчеви, надуеност, хемороиди, ги ублажува болките при гастритис и помага при санирањето на чирот на желудникот и дванаесетпалачното црево. Оваа билка се користи и за третман на заболувања на респираторниот тракт како што се бронхитис, хронична кашлица, продуктивна кашлица, астма, бубрежни заболувања и воспаленија на мочниот меур, за подобрување на функцијата на црниот дроб и жолчката и сл.

Во последната деценија кантарионот станува се повеќе популарен како средство за третман на депресија и анксиозност, а постојат и многубројни научни истражувања кои ја потврдуваат оваа употреба. Оваа билка успешно се користи за третман на благи и умерени депресии и е подеднакво ефективна како и антидепресивните лекарства, но за разлика од нив, кантарионот не предизвикува бројни секундарни ефекти како што се главоболка, дијареа, несоница, сексуална дисфункција и др.

Оваа извонредна билка помага и при опсесивно-компулсивни пореметувања, нагли промени во расположението кои се јавуваат при менопаузалната транзиција и ПМС синдромот, анксиозност, несоница, фобии и сезонски депресии, ноќно мокрење, меланхонија.

Студиите покажуваат дека кантарионот го спречува разградувањето на невротрансмитерите серотонин, допамин и норепинефрин кои се физиолошки одговорни за доброто расположение и на тој начин ги намалува симптомите на депресија. На овој ист начин делуваат и антидепресивните лекарства SSRI (селективни инхибитори за превземање на серотонинот) и MAO инхибиторите.

Кантарионот исто така го намалува нивото на стрес хормонот кортизол и ја зголемува активноста на GABA, природен транкилизатор во мозокот.