Гастроинтестинални карциноидни тумори
Гастроинтестиналниот тракт го опфаќа желудникот, тенкото црево и дебелото црево и е дел од системот за варење, во кој се, исто така, вклучени и плунчните жлезди, устата, хранопроводникот, црниот дроб, панкреасот, жолчната кеса и ректумот.
Гастроинтестиналните карциноидни тумори настануваат од посебни клетки кои лачат хормони за регулирање на дигестивните сокови и за регулирање на мускулите кои учествуваат во варењето на храната. Овие тумори можат, исто така, да произведуваат и да лачат хормони. Гастроинтестиналниот карциноиден тумор, кој настанува во ректумот, не лачи хормони.
Гастроинтестиналните карциноидни тумори растат споро. Повеќето од нив се развиваат во слепото црево, во тенкото црево и во ректумот.Често се случува да во тенкото црево се развијат повеќе тумори. Гастроинтестиналните карциноидни тумори го зголемуваат ризикот од настанување на другите видови на рак, кои се јавуваат во органите на системот за варење.
Фактори на ризик за настанување на гастроинтестиналните карциноидни тумори
- наследно пореметување – Мултипна Ендокрина Неоплазија тип 1 (MEN1 синдром),
- одредени состојби кои оневозможуват стварање на жолчна киселина, на пример атрофичен гастритис, пернициозна анемија, Zollinger-Ellison синдром.
- пушење.
Симптоми и знаци на болеста
Гастроинтестиналните карциноидни тумори често не даваат никакви симптоми во раните стадиуми на болеста. Хормоните, кои ги произведува и ги лачи туморот, обично се уништуваат од ензимите во крвта и во црниот дроб. Доколку туморот се прошири на црниот дроб, високата концентрација на хормини, која ја лачи туморот, може да предизвика симптоми кои го сочинуваат т.н карциноиден синдром.
Симптомите на карциноидниот синдром се:
- црвенило или чувство на топлина во лицето или вратот,
- пролив,
- недостаток на воздух, тешко дишење,
- забрзана работа на срцето,
- замор,
- оток на стопалата и зглобовите,
- болка и чувство на надуеност во абдоменот.
Овие симптоми се неспецифични и не се јавуваат исклучиво кај гастроинтестиналниот карциноиден тумор, па затоа е потребно да се отиде на лекар, за да се утврди вистинската причина за постоечките симптоми.
Дијагноза на карциноидните тумори
Дијагнозата на гастроинтестиналните карциноидни тумори се поставува врз основа на повеќе дијагностички процедури. Тука спаѓаат:
- анамнеза и физикален преглед по системи,
- комплетна крвна слика,
- биохемиски лабораториски анализи на крвта. Зголемената или намалената концентрација на хормоните може да биде еден од знаците на болеста,
- 24-часовно собирање на мочка: се мери нивото на хормоните. Вишокот или недостатокот на хормони упатува на оваа болест. Со овој тест може да се докаже постоењето на карциноидниот синдром,
- гастроинтестинална ендоскопија,
- компјутерска томографија (КТ) на абдомен,
- сцинтиграфија со рецепторот сомастатин,
- биопсија на сомнителната промена,
- ангиограм,
- ПЕТ скен.
Прогнозата и начинот на лекување зависат од неколку фактори:
- дали може да се отстрани туморот во целост,
- дали туморот се проширил на желудникот или на другите делови на телото, на пример на црниот дроб и лимфните јазли,
- големината на туморот,
- во кој дел на гастроинтестиналниот тракт се развил туморот,
- дали се работи за рецидив (повторно јавување) на туморот.
- Начините на лекување, исто така, зависат од тоа дали туморот предизвикува симптоми. Повеќето гастроинтестинални карциноидни тумори споро растат и се излечиви.
Одредување на стадиумот на болеста
Откога ќе се потврди дијагнозата, потребно е да се одреди стадиумот на болеста, т.е. да се утврди дали е туморот локализиран, локално проширен или метастазиран. Од стадиумот на болеста зависи и начинот на лекувањето. Не постои стандардна поделба на стадиуми кај овие тумори.
- Локална – Туморот е на едно место или во слепото црево, или во тенкото црево, или во дебелото црево, или во ректумот, или во желудникот.
- Регионална – Туморот се проширил на околното ткиво или во регионалните лимфни јазли.
- Метастатска – Туморот се проширил на другите делови на телото.
- Рецидив – Повторно враќање на туморот по неговото излекување, на исто или на друго место.
Начини на лекување
Постојат повеќе тераписки опции за гастроинтестиналните карциноидни тумори. Тоа се:
- Хируршки третман,
- Радиотерапија,
- Хемотерапија,
- Биолошка терапија,
- Хормонска терапија.
Хируршки третман
Најчесто туморите се отстрануваат со операција. Операцијата може да биде:
- апендектомија: хируршки зафат на отстранување на слепото црево,
- фулгурација: електро-аблација на туморот, со која се уништува ткивото на слузницата со туморските епителни клетки,
- криотерапија: отстанување на туморот со негово смрзнување,
- локална ексцизија: отстранување на туморот при ендоскопија. Ендоскопот, кој има специјален дел за ексција, се вовлекува во цревата и го отстранува туморот.
- ресекција (хируршки зафат или постапка со која се отстранува еден дел од органот или некоја анатомска структура) на цревата или се корегира присутната анастомоза.
- радиофрекфентна аблација (горење со радиобранови),
- ресекција на црниот дроб (доколку туморот се проширил на црниот дроб),
- емболизација.
Радиотерапија
Радиотерапијата ги уништува клетките на ракот со користење на рендгенски зраци со висока енерија. Таа е локална терапија и се применува само во пределот на постоечкиот тумор. Радиотерапијата се кориси пред операцијата (за да се намали туморот и за да може полесно оперативно да се отстрани) или после операција (за да се уништат клетките на ракот, кои можеби останале по хируршкиот зафат). Радиотерапијата, исто така, се користи и за ублажување на симптомите.
Радиотерапијата може да се спроведе со надворешно зрачење или со брахитерапија.
Надворешната радиотерапија е најчесто користен тип зрачна терапија. Тоа е локална терапија, која ги уништува карциномските клетки само во регијата која се озрачува. Се спроведува со специјални машини (линеарни акцелератори), кои произведуваат рендгенски зраци со висока енергија. Зраците минуваат низ телото на пациентот од надвор и затоа и се нарекува надворешна радиотерапија.
Брахитерапијата е вид на внатрешно зрачење и се спроведува на тој начин што радиоактивен материјал се внесува директно во туморот или во неговата близина.
Хемотерапија
Хемотерапијата се спроведува со примена на цитотоксични лекови, цитостатици, кои ги уништуваат клетките на ракот. Цитостатиците може да се даваат поединечно (монотерапија) или, многу почесто, во комбинација со неколку лекови (полихемотерапија).
При составување на шемата на полихемотерапијата, главно се одбираат цитостатици со различен механизам на делување. На тој начин се зголемува можноста за уништување на што поголем процент на туморски клетки, при секое нивно давање т.е. аплицирање.
Целта е добивање на адитивен, а во некои случаи и синергистичен ефект. При комбинирање на шемата, мора строго да се води сметка да не дојде до потенцирање на токсичните ефекти од одреден агенс.
Најчесто се применува интравенска хемотерапија. Ова е најчест начин на апликација на цитостатиците, бидејќи дадени на овој начин, цитостатиците доаѓаат во контакт со сите малигни клеки кои се наоѓаат во циркулацијата. Но, некои цитостатици се земаат и во форма на таблети.
Доколку гастроинтестиналниот карциноиден тумор се проширил на црниот дроб, хемотерапијата често се спроведува на посебен начин, т.е. со директно давање на цитостатикот во крвните садови на црниот дроб или дури директно во самиот тумор.
Често при тоа се дава цитостатик, кој директно ќе ги уништи канцерските клетки, а истовремено и друг лек, кој го запушува крвниот сад, така што туморот неможе повеќе да добива крв и да се храни. Оваа постапка се нарекува хемоемболизација на туморот и се користи во лекување на локализирани (само во црниот дроб) тумори. Со оваа постапка се постигнуваат добри резултати.
Биолошка терапија – Имунотерапија
Имунотерапијата е биолошка терапија која покажува антитуморски ефекти со стимулирање на природните одбрамбени механизми на пациентот. Имунотерапијата се дава или како монотерапија (самостојно) или во комбинација со хемотерапијата или радиотерапијата.
Хормонска терапија
Хормонската терапија ги инхибира хормоните, кои му се потребни на туморот за негово растење и ширење.
Други видови на терапија
Тераписки MIBG: специфични радиоактивни изотопи се даваат интравенски. Тие се врзуваат за малигните клетки и потоа ги уништуваат.
Постојат бројни клинички студии кои се во тек и кои ја испитуваат ефикасноста на поедини цитостатици или нивна комбинација во лекувањето на гастроинтестиналните карциноидни тумори.