Голтник (фаринкс) – Хипофаринкс

Хипофаринкс

Голтник (фаринкс)

Голтникот (лат. pharynx) е составен дел на дигестивниот и респираторниот систем.

Тоа е простор над гркланот и хранопроводникот, а позади носната и усна празнина.Низ голтникот минува храната и воздухот. Тој од внатре е овлоѓен со слузника и е составен од поголем број мускули и мембрани.

Човечкиот голтник е диференциран на три дела:

  • Горен (носен) дел – назофаринкс, кој преку парни отвори, наречени хоани комуницира со носот.
  • Среден (устен) дел – орофаринкс, кој се наоѓа зад усната празнина и со неа комуницира преку голтниково стеснување.
  • Долен дел – хипофаринкс, во кој оформениот залак, со помош на јазикот рефлексно се турка наназад и се голта, преминувајќи во хранопроводот. Притоа, отворот на гркланот се затвора со неговото капаче (епиглотис). Со тоа се спречува навлегување на храната во дишните патишта.

Хипофаринкс

Хипофаринксот се протега од горниот раб на хиоидната коска до долниот раб на крикоидната ‘рскавица и во основа претставува мускуларна туба, која е поставена од орофаринксот до вратниот хранопроводник.

Рак на хипофаринкс

Карциномите на хипофаринксот можат да потекнуваат од пириформниот синус, посткрикоидната регија и задниот и латералниот хипофарингеален ѕид.

Карциномот на хипофаринксот не е често заболување. Во САД се регистрираат околу 2.500 нови случаи годишно. Пикот на инциденцата на овој карцином се јавува, и кај мажите и кај жените, на возраст меѓу 50 и 60 години.

Примарен фактор на ризик претставува прекумерната употреба на алкохол и цигари.

Во САД, карциномите на хипофаринксот се сретнуваат почесто кај мажите отколку кај жените. Кај децата, овие карциноми се многу ретки.

Горните хипофарингеални карциноми се почесто асоцирани со прекумерно пиење и пушење, додека долните, или посткрикоидните, со нутрициони дефициенции.

Речиси сите карциноми на хипофаринксот се мукозни планоцелуларни карциноми.

Мултипни примарни тумори не се ретки.

Клинички, карциномите на хипофаринксот се склони кон агресивност и демонстрираат природен тек, кој се карактеризира со дифузно локално ширење, рани метастази и релативно висок степен (процент) на ширење на далечина. Повеќе од 50% од пациентите со хипофарингеален карцином, во моментот на откривањето, имаат клинички позитивни вратни жлезди.

Хистолошка класификација

Речиси сите хипофарингеални карциноми се епителијални по своето потекло, доминантно планоцелуларни карциноми, на кои можат да им претходат различни преканцерозни лезии.

Ретки типови на хипофарингеални карциноми се базалоидните сквамоидни карциноми, spindle cell (пр. саркоматоидни) карциноми, ситноклеточни карциноми, недиференцирани карциноми од назофарингеален тип (пр. лимфоепителиоми) и карциноми на малите плункови жлезди.