Капоши сарком

Што е Капоши сарком?

Капоши саркомот е малиген тумор кој настанува како последица на малигна трансформација на клетките, кои ги формираат крвните садови. Најчесто се развива во кожата или слузницата на устата, носот и анусот. Капоши саркомот може да ги зафати и внатрешните органи, особено лимфните јазли, белите дробови и органите на системот на варење.

Иако Капоши саркомот најчесто се развива на кожата, тој може истовремено да се развие и на повеќе делови на телото.

Епидемиската форма на Капоши саркомот (форма поврзана со СИДА-та) се јавува кај 15 до 20% од пациентите со СИДА. Оваа форма на сарком често ги зафаќа и кожата и внатрешните органи. Како што напредува сидата, имунолошкиот систем слабее, а ризикот за настанување на Капоши саркомот се зголемува.

Што го предизвикува Капоши саркомот?

Капоши саркомот, кој е поврзан со СИДА-та, може да се јави како последица на ослабениот имунитет и на изложеноста на одредени вируси, како на пример изложеност на еден од типовите на херпес вирусите, хуманиот херпес вирус 8 (HHV-8). Бидејќи Капоши саркомот почесто се јавува кај лица, кои ХИВ вирусот го добиле преку полов однос, за разлика од лицата заразени со контаминирана крв или игли, се заклучува дека хуманиот херпес вирус 8 е сексуално пренослив вирус.

Симптоми и знаци на Капоши саркомот

Први знаци на Капоши саркомот најчесто се безболни кожни промени или израстоци, во форма на плоснати или издигнати лезии, кои не чешаат. На бледата кожа промените се црвенкасти или розевкасти, а на темната кожа се кафени или црни. Можат да личат на модрици, но кога ќе се притиснат тие не избледуваат.

Промените најчесто се јавуваат на лицето, екстремитетите и во устата, иако може да биде зафатен било кој дел на кожата, не предизвикувајќи при тоа никакви проблеми, освен естетски. Кај некои лица туморот се развива споро, додека пак кај други, нови промени може да се јавуваат секоја седмица. Како што се создаваат сè повеќе лезии, тие меѓусебно се спојуваат и со тек на време се создава голем тумор.

Симптомите на Капоши саркомот на внатрешните органи зависат од локализацијата на туморот:

  • Оток на екстремитетите (лимфедем) настанува кога клетките на Капоши саркомот ќе ги зафатат лимфните јазли и ќе ја отежнат лимфната циркулација. Ваквата состојба предизвикува напната, болно осетлива кожа на отечените делови.
  • Недостатокот на воздух, нападите на гушење, упорната кашлица и крвавиот искашлок може да ни укажат на присутни белодробни лезии.
  • Мачнината, гадењето и повраќањето може да ни укажат на лезии во органите на системот на варење.

Како се дијагностицира Капоши саркомот?

Ако постојат симптоми на Капоши саркомот, лекарот ќе ја прегледа целата површина на кожата и лимфните јазли. Неоходно е да се направи и лабораториска анализа на крвта.

За да се постави дефинитивна дијагноза на Капоши саркомот потребна е биопсија на лезијата.

  • Биопсија: Лекарот под локална анестезија зема мало парче од лезијата за микроскопски преглед. Ако биопсијата го потврди присуството на Капоши саркомот, следат дополнителни тестови со кои се проценува проширеноста на болеста во другите делови на телото.

Дополнителни тестови се:

  • Рендгенска снимка на градниот кош: се прави за да се открие евентуалното постоење на Капоши саркомот во респираторниот систем. Инфекцијата и воспалението на белите дробови од вирусна или бактериска природа најчесто се јавуваат кај пациентите со СИДА, па често пати е тешко да се одреди дали промените се резултат на постоењето на Капоши саркомот или се само пропратни инфекции. Бронхоскопијата и Компјутерската томографија на градниот кош можат да ја потврдат дијагнозата на Капоши саркомот.
  • Ендоскопија: со фелксибилен оптички ендоскоп може да се прегледа дигестивниот систем. Оваа ендоскопија не е само дијагностичка, туку и тераписка, бидејќи со неа може да се изведат и помали тераписки зафати.
  • Спирометрија: ако другите тестови покажат дека со туморот се зафатени белите дробови, треба да се процени и функцијата на белите дробови. Се мери капацитетот и ефикасноста на белите дробови.
  • КТ скенирање: Компјутерската томографија (КТ) користи посебна опрема со рендген зраци за добивање на слики од телото од различни агли. Податоците се анализираат и се обработуваат со помош на компјутер. Така се добиваат дигитални слики кои прикажуваат пресеци на телото низ органите и ткивата. На тој начин се овозможува тродимензионален детален приказ на надолжни и на напречни пресеци на сите ткива и органи. КТ е најпрецизна дијагностичка метода и може да укаже на потенцијално посстоење на Капоши саркомот.

Како се лекува Капоши саркомот?

Терапијата на Капоши саркомот зависи од здравствената состојба на пациентот, од локализацијата и развојот на туморот. Важно е да со лекувањето не се дополнително ослаби и така слабиот имунолошки систем.

Лекувањето може да се спроведе со еден од следниве третмани:

  • Ексцизија (хируршко одстранување) на кожните лезии.
  • Во локална анестезија хируршки се отстранува кожната лезија и мал дел од околната здрава кожа. На местото на хируршкиот рез обично останува мала лузна, која со тек на време избледува. Овој зафат е едноставен и може да се изведе во амбулантски услови.
  • Кожните промени можат да се отстранат и со други методи, како со криотерапија (уништување на ткивото со смрзнување) или со електродисекција (уништување на ткивото со помош на електрична струја).
  • Зрачна терапија или радиотерапија
  • Радиотерапијата најчесто се применува локално и тоа со една единечна зрачна доза. Ефикасна е за помали кожни лезии и помага во намалувањето на симптомите на Капоши саркомот.
  • Радиотерапијата на кожата предизвикува помали несакани појави: кожата околу озрачената лезија станува црвенкаста, осетлива, чеша, а можно е и губење на влакната на третираното место. Влакната, по завршувањето на зрачната терашија, можат повторно да порастат.
  • Радиотерапијата на туморите на системот за варење можат да предизвикаат мачнина, гадење или повраќање. Заморот е една од можните несакани ефекти на зрачната терапија.
  • Хемотерапија (примена на цитостатици) се применува доколку Капоши саркомот се проширил по телото. Пациентот прима хемотерапија секоја седмица или на секои две седмици.
  • Хемотерапијата за кожниот Капоши сарком најчесто се прима интравенски, но може да се даде и директно во лезијата – локална или интралезиска хемотерапија. Овој начин на давање на цитостатиците се користи само за мали лезии и може да биде алтернатива, доколку радиотерапијата предизвикува темни флеки, кои го нарушуваат естетскиот изглед.
  • Хемотерапијата може да предизвика низа на несакани ефекти: мачнина, гадење, повраќање, пролив, општа слабост и малаксаност, замор, пад на крвната слика итн. Локалната хемотерапија може да предизвика привремено воспаление на кожата.

Многуте несакани ефекти од хемотерапијата и радиотерапијата целосно исчезнуваат по завршувањето на терапијата.

  • Имунотерапија или биолошка терапија: oваа терапија ја обновува, стимулира или зајакнува природната антитуморска функција на имунолошкиот систем. Овој облик на терапија понекогаш се користи за лекување на Капоши саркомот, често во комбинација со другите третмани, како на пример со хемотерапијата.
  • Некои од лековите кои се применуваат во имунотерапијата се интерферонот и интерлеукинот. Интерферонот се дава во вид на поткожна инекција или директно во лезијата, 3 пати неделно. Несакани ефекти од имунотерапијата се појавата на симптоми слични на оние на грипот: покачена телесна температура, грозница, општа слабост, малаксаност.

Раниот стадиум на Капоши саркомот или тумор кој споро се развива и вклучува само една или мал број на кожни лезии, не бара секогаш и лекување. Но, доколку лезиите му пречат на болниот или се многубројни, може да се спроведе терапија.

Каков е резултатот од лекувањето?

Капоши саркомот, кој е поврзан со СИДА-та, може да биде смртоносен. Во тој случај најважно е лекување на ХИВ инфекцијата со антиретровирусна терапија. Лекувањето на кожните промени, без лекување и на ХИВ инфекцијата, може да доведе до подобруавње, но тоа не значи и сигурно подобри шанси за преживување. Исто така, туморот може повторно да се јави, па дури и ако лекувањето било успешно.

Кожните лезии од Капоши саркомот не се опасни по живот, но туморите во другите делови на телото можат да предизвикаат сериозни проблеми: внатрешно крварење во дигестивниот тракт, крварење во белите дробови, отежнато дишење и лимфедем. Иако не постои лек за лимфедемот, симптомите може да се намалат со низа методи, како што се масажа и вежбање.

Што да се направи за да се спречи Капоши саркомот?

Капоши саркомот може делумно да се спречи со заштита од полово преносливи болести. На овој начин може да се намали ризикот од инфекција со хуманиот херпес вирус 8, кој се пренесува преку полов однос. По поставувањето на дијагнозата на Капоши саркомот, важно е да се подобри имунолошкиот систем на организмот т.е. да се зајакне природниот одбрамбен систем на организмот, кој се бори против инфекциите и ракот. Земањето на лекови против СИДА-та може да го спречи напредувањето на болеста.