Одговори на најчестите прашања на пациентите со рак на тестис

Table of Contents

Одговори на најчестите прашања на пациентите со рак на тестис

Ракот на тестисот е чест тумор кај младата машка популација на возраст од 20 до 35 години. Поретко може да се јави било кога после 15-та година од животот. Инциденцата на карциномот на тестисот во последниве 20 години драматично се зголеми. Причините за порастот на инциденцата не се познати.

Важно е да се знае дека ракот на тестисот има висок процет на излечивост и стапката на излекување во раните стадиуми на болеста изнесува скоро 100%. Третманот на ракот на тестисот зависи од типот на туморот, како и од стадиумот на болеста.

Во сите случаи кога постои рак на тестисот, независно од неговиот тип, прв (иницијален) третмански пристап е хируршко отстранување на тестисот. Други третмански опции се: радиотерапија, хемотерапија и хируршко отстранување на заостанатите туморски маси по завршениот третман.

Ова се најчестите прашања на пациентите со рак на тестис:

Поради рак отстранет ми е едниот тестис. По операцијата примив два циклуса на хемотерапија. Дали ке имам нормални сексуални односи и дали ке можам да имам деца?

По отстранувањето на едниот тестис поради рак на истиот, функцијата на отстранетиот тестис во целост ја превзема другиот, здрав тестис. Здравиот тестис нормално го лачи машкиот полов хормон-тестостерон. Поради тоа нема никакво пореметување во сексуалниот активност (потенцијата, ерекцијата и оргазмот) и може да имате нормален сексуален живот. Доколку имате норамален излив на сперма можете да имате и деца. Сепак се препорачува да помине една година од завршувањето на терапијата со цитостатиците. Тоа е потребно за да од телото се излачат сите остатоци од цитостатиците кои сте ги примале, да се прихички ослободите и повторно да го воспоставите својот вообичаен животен ритам.

Сепак кај одреден број на пациенти кои примале хемотерпија, посебно оние кои примале подолго време, поголем број на циклуси, може да дојде и до потполно губење на продукцијата на сперма и појава на трајна неплодност. Затоа лекарите, иако овој ризик е мал, посебно кај пациенти со помал број на циклуси на хемотерапија, сепак препорачуваат пред да се започне со истата, пациентот да донира сперма во специјализирани установи-банки на сперма.

Покрај тумор на тестисот, откриени ми се и зголемени лимфни јазли во стомакот како и промени во белите дробови. Каква терапија треба да примам по операцијата на тестисот?

По оперативното отстранување на тестисот, терапијата се продолжува со цитостатици (хемотерапија). Хемотерапијата подразбира употреба на лекови (цитостатици) кои ги убиваат канцерките клетки во телото.

По операцијата на тестисот препорачана ми е хемотерапија. Како таа се спроведува?

Лекувањето се спроведува во болница и тоа со непрекинато давање на цитостатици во тек на 5 дена, најчесто од понеделник до петок. Лековите се добиваат во вид на инфузии во вена. Во текот на лекувањето потребно е да пиете голема количина на течности. .По завршувањето на првиот циклус на хемотерапијата има пауза од 14 дена, за кое време може да бидете дома. . Во паузата помеѓу двата циклуса, треба редовно да ја контролирате крвната слика и евентуално корекција на истата . Следниот циклус започнува по 14 дена.Не се препорацува одложување на циклусите, тие треба да бидат редовни заради ефикасноста на лекувањето.

Колку долго ке трае лекувањето со цитостатици?

Во зависност од стадиумот на болеста, како и од патохистолоскиот наод по оперативниот зафат, се применува различен број на циклуси на хемотерапија. Така најчесто се даваат од 2 до 4 циклуса, после кои следи евалуација на болеста и понатамошно планирање на терапија доколку е потребно. Во случај да евалуацијата покажала комплетно повлекување на болеста, следуваат само редовни контроли односно следење на болеста (follow up).

Дали за време на примањето на цитостатиците можат да се појават некои тегоби и компликации и кои се тие?

Лекувањето со цитостатици изискува Ваша соработка, како и голема поддршка од страна на најблиските и докторот. Овие лекови ги уништуваат како канцерските клетки, така и нормалните здрави клетки во организмот зарaди што се јавуваат некои несакани ефекти за време на третманот.

Најчести несакани последици се: општа салбост, малаксалост, губиток на апетит, мачнина, гадење и евентуално повраќање.

Уништувањето на белите крвни зрнца во крвта може да доведе до намалена отпорност на организмот и склоност кон инфекции.

Намалувањето на крвните плочки може да доведе до поголем ризик од крварења.

Несакан ефект е и опагањето на косата (алопеција) и се јавува по првиот или вториот циклус на хемотерапија.Таа почнува нормално да расте по завршувањето на терапијата.

Несаканите ефекти како и нивниот интензитет се разликуваат од пациент до пациент и може да бидат различни дури и од еден третман до друг.

Сите овие несакани ефекти можат значително да се ублажат или отстранат со примена на соодвети лекови.

Дали за време на хемотерапијата се препорачува некој посебен режим на исхрана или диета?

Како сериозен проблем за време на терапијата со цитостатици е губитокот на апетитот. Пациентите помалку јадат поради присутната мачнина и гадење. Не се препорачува некоја посебна диета. Добрата и здрава исхрана е многу важна за време на третманот.Пациентите кои јадат добро, подобро ги совладуваат несаканите ефекти од терапијата. .Потребно е внесување на доволно калории со исхраната. Тие ке го спречат губењето на килограмите и ќе овозможат организмот да содржи доволна количина на протеини за обновување на ошетените нормални клетки во организмот. Исхраната треба да содрзи свежо овошје и зеленчук, како и месо и млечни продукти. Се препорачуваат повеќе оброци и ужина во текот на денот отколку само три големи оброци.

За време на хемотерапијата треба да се пијат големи количини на течности (чаеви, сокови, млеко, јогурт).Ова внесување на повеќе течности овозможува побрзо прочистување на организмот од лековите и ги ублажува несаканите ефекти.

По успешното излекување на туморот на тестисот препорачани ми се само редовни контроли. Во што се состојат тие контроли и дали се задолжителни?

Следењето ма болеста се состои во редовни контроли на специфичните туморски маркери во крвта (АФП, бХЦГ и ЛДХ), ехотомографски преглед на абдоменот на 3 месеци, и КТ на абдомен на 6 месеци во текот на првите две години по комплетирањето на третманот. Потоа контролните прегледи се прават на подолг временски период (на 4, па потоа на 6 месеци).

Следењето на пациентите е до пет години, но може да биде и подолго.

Значи следењето е со едноставни и неинвазивни методи. Но, неопходно е да се контролите редовни, заради тоа што секогаш постои од ризик за повторување на болеста. Тој ризик е посебно висок во првите две години по престанокот на лекувањето. Тоа е важно заради рано, навремено откривање на евентуално присутни знаци за проширување на болеста, било во лимфните јазли, било во некои други органи кои може да се расеат по кревен пат. Нивното рано откривање е излечиво.

По отстранувањето на семиномот на тестисот упатен сум на зрачна терапија. Како таа се спроведува, со што и дали се можни некои тегоби за време на третманот?

Зрачната терапија се спроведува со специјални машини (линеарни акцелератори ) кои користат рендгенски зраци со висока енергија и се изведува како надворешно зрачење, т.е. зрачење кое доаѓа надвор од телото на пациентот.

Вкупната доза на зрачење се распределува во неколку неделни третмани (5 дена во неделата) со паузи за викендот кога пациентот не се зрачи. Се озрачуваат лимфните јазли во абдоменот, кои може да бидат зафатени со болеста. Како несакани ефекти од зрачната терапија може да се јават мачнина, гадење, губиток на апетит, но тие лесно може да се ублажат со соодветни лекови. Се препорачува редовна и здрава исхрана за време на зрачењето како и повеке одмор.

По извесно време по отстранувањето на едниот тестисот повремено чувствувам тежина, тапа болка и напнатост во здравиот тестис. Дали е тоа знак дека туморот го зафатил и здравиот тестис?

По оперативното отстранување на едниот тестис, другиот здрав тестис ја превзема целата функција,поради тоа може да се јават симптоми на тежина, тапа болка, напнатост тестисот. Ова е нормална појава која се јавува непосредно по оперативниот третман, но со тек на време поминува и не е знак за заболување на здравиот тестис. Сепак, поради поголемиот ризик да се јави карцином и на другиот тестис, се препорачуваат самопрегледи еднаш месечно, како и редовни контроли.

По завршувањето на терапијата со цитостатици како понатамошно лекување ми е препорачана операција ткн. ретроперитонеална лимфаденектомија. Каква операција е тоа?

Ова е хируршки зафат се изведува кај оние пациенти кај кои не дошло до комплетно повлекување на туморските маси по завршувањето со хемотерапијата. Хируршки се отстранува остатокот на туморот. По микроскопскиот преглед на оперативниот материјал, доколку има присуство на канцерски клетки во него, се продолжува со уште еден или два циклуса на цитостатици.

Каков е успехот од третманот на карциномот на тестисот и дали е тој излечив?

Карциномот на тестисот, посебно во неговите рани стадиуми се смета за излечива болест. Процентот на излекување во раните стадиуми е 99%. Но, исто така и во понапреднатите стадиуми се постигнува излекување до 80%. Затоа е важно да се открие во самиот почеток на болеста.