Остеопороза – „тивка епидемија“!
Лесната кршливост на коските е предизвикана најчесто од остеопорозата.
Остеопорозата е метаболно заболување на коскениот систем, чија основна карактеристика е намалување на коскената маса по единица волумен и структурни нарушувања во самото коскено ткиво. Тоа доведува до постепено намалување на еластичноста на коските и до појава на скршеници, посебно во пределот на бутот и зглобовите. Овие скршеници се јавуваат и при мал физички напор или повреда.
Во потешките форми на остеопороза може да дојде и до искривување на ‘рбетот.
При остеопорозата постои зголемена порозност на коските.
Коската е живо ткиво. Во најголем дел е изградена од колген (протеин кој оформува мека мрежа) и калциум фосфат (минерал кој ја зацврстува и зајакнува структурата на коската). Комбинацијата на колаген и калциум ја прави коската и еластична и цврста, што и помага на коската да го издржи механичкиот стрес. Повеќе од 99% од калциумот во телото е сместено во коските и забите. Останатиот 1% се наоѓа во крвта.
Коската е метаболно многу активен орган во кој постои рамнотежа меѓу процесот на разградување односно ресорпција и процесот на изградување на нова коска (ремоделирање).
Коските на човекот претставуваат живо ткиво, кое се заменува со ново, во текот на целиот живот.
Во човековото тело постојат таканаречени “остеокласти”, кои се задолжени да го отстрануваат остареното коскено ткиво, и таканаречени “остеобласти”, чија задача е да го градат новото коскено ткиво, кое го заменува старото. Човекот ќе има силно и здраво коскено ткиво само кога постои рамнотежа во работата на “остеокластите” и “остеобластите”.
За жал, поради одредени биолошки специфичности и поради неправилен начин на исхрана доаѓа до нивна нерамнотежа. Таа нерамнотежа е причина што жените во менопаузата губат 3% од коскената маса за три години.
Во текот на животот, стариот коскен материјал се отстранува (ресорпција) и се формира нов коскен материјал (формација). За време на детството и тинејџерските години новиот коскен материјал се создава побрзо отколку што се ресорбира стариот коскен материјал и, како резултат на тоа коските стануваат поголеми, потешки и погусти. Овој однос се задржува сè до 30-тата година кога се постига највисока коскена маса (максимална коскена густина). По тој период постепено процесот на ресорпција на старо коскено ткиво го надминува процесот на создавање ново коскено ткиво.
Кај жените губењето на коскено ткиво е најбрзо во првите години по менопаузата и продолжува во пост-менопаузниот период. Остеопорозата која главно се јавува кај жените, но исто така, ќе се јави и кај мажите кога ресорпцијата на коскеното ткиво се случува пребрзо или замената на старото ткиво со ново се случува пребавно.
По 35-тата година, жената губи повеќе коскена маса отколку што може да надомести.
Според медицинските податоци, жените почнуваат да ја губат коскената маса по 35-тата година од животот и тоа за 1% секоја година.
По 50-тата година од животот загубата е 1,5% годишно.
Остеопорозата се јавува кај 30% од жените на возраст над 60 години.
Во Македонија, 7% од жените над 50 годишна возраст патат од остеопороза.
Поради брзото ширење на остеопорозата во светот, таа се нарекува и „тивка епидемија“.
Остеопорозата е голем здравствен проблем, посебно кај постарата популација.
Од остеопорозата почесто заболуваат жените отколку мажите. Така од сите заболени од остеопороза, околу 68% се жени.
Покрај заболените од остеопороза, уште поголем број на луѓе имаат намалена густина на коскената маса, со што и тие имаат зголемен ризик за развој на оваа болест.
Една од секои две жени на возраст над 50 години има скршеница поврзана со остеопороза.
Мажите не се поштедени од остеопороза; секоја година милиони мажи заболуваат од остеопороза и милиони се со ризик да заболат.
Секоја година илјадници мажи доживуваат скршеница на колкот поврзана со остеопороза и една третина од нив умира од комликации на таа скршеница во тек на една година.
Кај мажите остеопорозата најчесто се јавува по 70-тата година.
Но, остеопорозата може да се јави на било која возраст.
Според лекарите, остеопорозата е е доста често заболување, но ретко се открива, затоа што таа во раниот стадиум не покажува никакви симптоми, но постепено ја намалува еластичноста на коските, правејќи ги лесно кршливи – посебно во пределот на бутот и зглобовите.
Болеста најчесто се констатира при повреда или скршеница и затоа се нарекува „тивка епидемија“.
Остеопоротичните скршеници (фрактури) се сериозна причина за морбидитет и морталитет во развиените земји. Во иднина се очекува уште поголемо зголемување на бројот на заболени од остеопороза поради продолжување на животниот век на човекот.
За да се спречи зголемувањето на бројот на заболени, лекарите предупредуваат да се внесува повеќе калциум и да се практикува поголема физичка активност. Тие напоменуваат дека само со превентива може да се намали бројот на заболени жени од оваа болест.