Пчелин полен

Пчелин полен

Автор: Др. Дарко Стојановски

Опис

Пчелиниот полен е машко семе со големина на прав кој се наоѓа на толчникот на секој цвет. Поленот се собира на нозете на пчелите како што тие се движат од цвет на цвет. Пчелите лачат голем број на ензими во поленот. Поленот најчесто се собира комерцијално со поставување на посебен уред на влезот на кошницата за пчели кој ги четка супстанците од нивните задни нозе во специјален сад за собирање.

Општа употреба

Пчелиниот полен е меѓу најстарите познати додатоци во исхраната. Неговата употреба како средство за подмладување и лек датираат од времето на Египќаните и древните Кинези. Бил нарекуван со многу имиња, од „фонтана на младоста“ до „амброзија на боговите“.

Грчкиот лекар Хипократ, нарекуван татко на модерната медицина, го користел поленот како лековита супстанца од пред 2.500 години. Поленот е богат со витамини, особено Б витамини и содржи минерали во трагови, елементи, амино киселини и ензими.

Поленот е составен од 55% јаглехидрати, 35% протеини, 3% витамини и минерали, 2% масни киселини и 5% други материи. Тој содржи многу мали количини на многу супстанци кои се сметаат за антиоксиданси, вклучувајќи бета каротен, витамин Ц и Е, ликопен, селен и флавоноиди. Во поглед на хранливите и лековитите својства, поленот врши зајакнување на имунолошкиот систем, контрола на телесната тежина, ослободување од алергиските симптоми, зголемување на силата, подобрување на сексуалната функција, подобрување на виталноста и издржливоста, забавување на процесот на стареење и продолжување на животот.

Пчелиниот полен го зајакнува имунолошкиот систем преку своите антиоксидантни својства. Антиоксидансите се користат за да ги деактивираат слободните радикали во телото. Слободните радикали се нуспроизводи на кислородот што можат да ги оштетат клетките и се поврзани со голем број на дегенеративни болести, особено оние кои се поврзани со стареењето. Тие се, исто така, поврзани и со самиот процес на стареење. Антиоксидансите можат да го блокираат понатамошното оштетување, па дури и да намалат голем дел од клеточната оксидација која е веќе направена.

Пчелиниот полен се сугерира да се употребува како противдејство на влијанието на зрачењето и загадувачите од животната средина кои го ослабуваат имунолошкиот систем.

Во интернет публикацијата на Bee Online од јануари 2000 година на „American Apitherapy Society“, Dr. Steve Schecter, натуропатски лекар, изјавил дека пчелиниот полен е корисен во намалувањето на ефектите од терапијата со зрачење кај жени со рак. Една група од 25 жени подложени на третман за рак на матката, исто така, добиле 20 g (околу две кафени лажички) од пчелин полен три пати ден. Жените изјавиле подобрувања во нивниот апетит и чувство на благосостојба и помалку сериозно гадење поврзано со радиотерапијата. Нивното серумско ниво на протеини се зголемило, како и нивото на црвени и бели крвни зрнца.

Иако многу растителни полени може да предизвикаат или засилат алергии, сепак пчелиниот полен всушност може да помогне во намалувањето на симптомите на овие состојби. Локалната терапија со пчелин полен се препорачува да се започне пред сезоната на алергии и потребни се неколку недели да поминат за да се почувствуваат дејствата на поленот. Според една статија во списанието „Better Nutrition“ од Февруари 1998, алерголог од Оклахома успешно го користел пчелиниот полен во третманот на 22 000 пациенти со алергии.

Сепак, оние кои се алергични на пчелин убод може да се соочат со посериозна (анафилактична) реакција на полен.

Пчелиниот полен често се користи од страна на спортистите за подобрување на силата, издржливоста, енергијата и брзината. Се вели дека помага мускулите да се опорават побрзо после вежбањето и да се зголеми менталната кондиција на човекот.

„Пчелиниот полен се користи речиси од страна на секој олимписки спортист во светот“, наведува James Higgins, благајник на American Apitherapy Society, во едно интервју за Better Nutrition во Август 1999 г. „Тој им дава повеќе енергија и подобри перформанси на спортистите за настани како маратони и тие не се толку исцрпени следниот ден“, ијавил James Higgins.

Препорачани дози

Потребно е околу два часа за пчелиниот полен да биде апсорбиран во крвотокот. Препорачаните дози за превентивни цели за капсули се две капсули од 450-580 mg, три до четири пати на ден, и три пати поголема од таа доза за терапевтски цели. Пчелен полен не треба да се загрева, бидејќи ќе го изгуби своето дејство.

Мерки на претпазливост

Лица кои се алергични на пчелини убоди или производи не треба да користат пчелин полен бидејќи тој може да предизвика сериозна алергиска реакција, вклучувајќи и смрт. Секој оној кој не е сигурен дали е алергични на пчелин полен прво треба да проба само мал дел за да се види дали постои каква било реакција, или да направи алерго тест.

Несакани ефекти

Постојат ретки случаи на мали несакани ефекти, како што се гастроинтестинална иритација и дијареа, поврзани со внес на пчелин полен.

Интеракции

Пчелен полен нема познати негативни интеракции со други лекови, витамини или суплементи.